Започнаа подготовките за куќните слави, па доколку не е посна, ова јадење е совршен избор. Збогатете ја славската трпеза со свински или јагнешки ребра кои се печат во листови од зелка. Може да користите свежа зелка, но може да употребите и кисела зелка. Во вториот случај ребрата се уште повкусни ако се димени.




Вообичаено за мрсна слава на трпезата се послужува сарма е печено месо, па овојпат ви предлагаме да испробате поинакво „славско печење“, кое според искуствата има вкус како да се печело под сач.




Неодоливиот вкус и сочноста ја добиваат токму од зелката во која се пече. Гостите ќе уживаат во секој залак, а вие нема да се уморите ниту да потрошите многу време околу подготовките. Ако не го сметате времето за маринирање и времето за печење, приближно ќе ви бидат потребни само 10 минути подготовка. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1,5 кг свински ребра (може и јагнешки или телешки), 4 големи главици кромид, 1,5 лажичка мелен коријандер, 2 лажички сол, 1 лажичка мелен црн пипер, 1,5 супена лажица балсамико, 2 полни супени лажици мајонез, 2 супени лажици маслиново масло, 1 главица зелка

ЗА ПРИЛОГ: 5 компири, 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка сода бикарбона, 3 свежи млади гранчиња рузмарин, 80 мл маслиново масло, 3-4 чешниња лук




ПОСТАПКА: Ребрата исчистете ги од „сребрената“ кожичка која обично останува тврда и после готвењето, па исечете ги на парчиња. Исчистете четири големи главици кромид или 6 со средна величина, па исечкајте ги на лентички.




Измешајте ги ребрата со свежо мелени зачини, додајте го сечканиот кромид, балсамикото и мајонезот, па добро измешајте додека сите зачини убаво да се распоредат. На крај додајте го маслото (кога се зачинува месо, маслото секогаш се додава последно за да не ги затвори порите прерано).




Покријте го садот и оставете го во фрижидер да се маринира два часа. Потоа земете го плехот од рерна и намастете го во тенок слој со кујнска четка. Исчистете една главица зелка и раслојте ја на листови. Од листовите отстранете ги задебелените делови.




Наредете ги во плехот во два слоја. Посолете ги и зачинете ги со димена црвена пиперка во прав или зачини по ваш избор. Потоа наредете го месото одозгора заедно сосе кромидот, односно целата маринада. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 60-80 минути.




На половина печење превртете ги ребрата, а доколку забележите дека прерано заруменуваат, покријте ги со фолија, па пред крајот отстранете ја за да зацрвенат. За прилогот од компири: исечете ги компирите на крупни коцки и 10 минути варете ги во вода со една лажичка сол и сода бикарбона.

Во маслиново масло запржете ситно сечкан свеж рузмарин (една минута), а потоа додајте ситно сечкан лук и пржете уште една минута. Потоа процедете го маслото и во него додајте ги подварените компири. Измешајте ги, па наредете ги во плех обложен со хартија и печете ги додека да заруменат. Деталите погледнете ги ОВДЕ.