Рецепт и видео прилог на Мои Домашни рецепти: разни колачиња кои се топат во уста.

Тестото за овие колачи многу брзо се приготвува, а толку лесно се обликува што од него можете да правите најразлични фигури. Од истото тесто може да направите најразлични колачи по форма и боја.

Потребни состојки:

250 г путер
1 јајце
250 г шеќер во прав
100 мл масло
1 ванилин шеќер
700 г брашно
1 лажичка прашок за печиво
2 лажици какао

Постапка:

Путерот омекнете го на собна температура, додадете едно јајце и 250 г просеан шеќер во прав, 100 мл масло и една кесичка ванилин шеќер. Замесете со рака.

Путерот треба убаво да се соедини со останатите состојки и да добиете кремаста структура. Во смесата додадете 700 г просеано брашно и една лажичка прашок за печиво. Добро измешајте го со рака за да добиете меко и ровко тесто кое лесно се обликува.

Во еден дел од смесата (1/3) додадете две лажици какао и измешајте за да добиете темно тесто. Врз хартија за печење развлечете кора со третина од белото тесто, а на неколку места ставете трошки од темното. Покријте ја кората со уште еден лист хартија и поминете одозгора со оклагијата за да се добие шарено тесто.

Потоа со чаша или модла вадете шарени колачиња и редете ги во плех обложен со хартија. Ставете да се печат во загреана рерна на 200 степени, 10 минути. Остатокот од тестото премесете го и формирајте ваљак, па сечете парчиња правоаголници.

Од втората третина бело тесто развлечете кора, вадете кругови, малку со прстите обликувајте ги во вид на листови, а потоа со ножот набрашнет во какао правете шари (погледни видео). Тестото многу лесно се обликува и со него може да правите колачи со најразличен облик.

За правење шари на колачињата може да ги користите и ѕвездестите продолжетоци за шлаг и уште многу други идеи можете да дознаете од видеото подолу: