Евтино и едноставно јадење, а многу вкусно.
Потребни состојки: 1 помала тиквица, 500 мл кисело млеко или јогурт (може и млеко), 3 преполни лажици брашно, 3 преполни лажици пченкарно брашно, 1 прашок за печиво, 2 јајца, 2 лажици масло и сол по вкус
Постапка: Излупете ја и исечкајте ја тиквичката на ситни парчиња (не ја рендајте бидејќи ќе стане многу воденеста). Посолете ја и покријте ја со крпа, па тргнете на страна додека ги приготвувате другите состојки.
Во друг сад изматете јајца, кисело млеко или јогурт и додадете масло. Додадете брашно (бело и пченкарно) и прашок за печиво. Мешајте додека добро да се соедини да нема грутчиња, а потоа додадете ја сечканата тиквичка. Ова можете да го правие во еден ист сад.
Смесата добро промешајте ја, а потоа излејте ја во тепсија за печење која претходно сте ја загреале во рерна, а потоа и намастиле. На овој начин ќе добиете крцкава кора која нема да се лепи за тепсијата при вадење.
Печете ја питата во рерна на 200 степени околу 30-тина минути. Доколку сакате да ви зарумени разлената пита, тогаш 10-тина минути пред крај засилете ја температурата на 250 степени.
Извадете ја питата од рерна и доколку сакате, премачкајте ја со кајмак уште додека е врела. Може да се нароси и ситно сечкан свеж магдонос.