РАСКОШНА ЛИСНАТА БОЖИЌНА ПОГАЧА: за среќа, здравје и бериќет во новата година. „Здраво, денес со вас сакам да споделам еден рецепт за превкусна лисната погача. Рецептот е детално објаснет и може да го прочитате подолу“, вели Гордана.




Штом ја направите ќе видите колку прекрасно мириса и ќе ги воодушеви сите кои ќе ја пробаат. Изгледа превкусно и многу декоративно, па можете да си ја направите за Божиќ кога ќе ручате или вечерата и да си ја кажете молитвата за здравје.




Потребни состојки: 1 кг брашно, 400 мл топло млеко, 2 лажици шеќер, 20 г сув квасец, 200 мл масло, 2 јајца, 2 лажички сол, 1 маргарин, сусам. Млекото и јајцата треба да отстојат минимум 1 час на собна температура пред подготовка на погачата.




Постапка: Во еден подлабок сад ставете го брашното. На страна направете мешавина од квасецот, шеќерот и 200 мл млеко. Убаво изедначете и додајте ја мешавината во садот со брашното.




Измешајте со дрвена лажица, па додајте го остатокот од млекото, солта и јајцата. Замесете фино и меко тесто, нелепливо под прсти. Тестото ставете го во садот каде што го замесивте, покријте го со памучна крпа и почекајте да се удвои.




Кога ќе стаса уште малку премесете го и пресечете 1/3 од тестото и тргнете ја настрана. Со другите 2/3 ги делите на еднакво на половина и секоја половина ја делите на 4 еднакви делови, да добиете вкупно 8. Ставете ги топчињата настрана додека го подгтовувате другиот дел од тестото.




Плех со кружна форма и средна големина премачкајте го убаво со масло на дното и по страните. Од првата 1/3 која што ја издвоивте развлечете ја во круг со дебелина од половина сантиметар. Со чашка започнете да вадите форми колку што имате тесто.




Потоа премачкувате едно кругче со растопен маргарин, врз него до половина ставате второ кругче и тоа го премачкувате со маргарин, одзгора ставате уште едно тесто исто премачкано со маргарин, а четвртото тесто и последно не го премачкувате.




Виткате ролат од овие тестенца и пресекувате на половина. На овој начин ќе добиете ружички кои треба да ги редите на средина од плехот. Вака правете додека да го потрошите тестото.

Другите 8 теста развлечете ги во круг, со истата дебелина и премачкувајте ги со маргарин, па редете ги по 4 едно врз друго, но овој пат целосно ги ставате врз претходно тесто, а не до половина како за ружичките.




Последното тесто односно четвртото не го премачкувате со маргарин и сечете на 8 правоголници како за пица. Вака правоаголниците ги редите по страните на плехот малку преклопени од едната страна како што е прикажано на видеото подолу.




Погачата одозгора ја премачкувате со маргарин и наросувате со сусам. Оставате да одмори додека се загрева рерната на 200 степени. Печете околу 30 минути додека да стане крцкава кората одозгора и зарумени. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.