Недостигот на овој важен минерал може многу работи да поремети во организмот, но исто така и вишокот.
Освен што го јакне имунитетот, што е особено важно во сезона на настинки и грип, цинкот е важен за работата на повеќе од триста ензими клучни за здрава дигестија, нервниот систем и метаболизмот.
Овој важен минерал исто така, го одржува и здравјето на мозокот. Во споредба со другите органи во телото, концентрацијата на цинкот е највисока токму во мозокот.
Во студијата која беше објавена 2017 година во International Journal of Molecular Sciences беше заклучено дека промените во рамнотежата на цинкот во мозкот може да влијаат врз состојбите кои влијаат врз слабеењето на когнитивните способности поврзани со возраста, депресијата и Алцхајмерова болест.
Уште една голема улога на цинкот е дека му помага на телото побрзо да оздрави. Цинкот е потребен за опоравување на клеточната мембрана, за раст на клетките и одржување на здравјето на кожата.
Недостиг на цинк може негативно да влијае врз сетилото за слух и апетитот. Според една студија, кај 35 до 45% кај лица постари од 60 години количината на цинк во организмот била помала од потребната.
Недостигот на цинк може да се забележи преку ослабено сетило за вкус и мирис, како и ослабен апетит.
Неколку студии открија дека недостигот на цинк го зголемува оксидативниот стрес, односно нерамнотежата помеѓу производството на слободни радикали кои им штетат на клетките и способноста на телото да се спротивстави на нивното штетно дејство.
Исто така, се покажало и дека цинкот ги намалува маркерите за воспаление кои се тригер за прерано стареење и хронични болести.
За разлика од некои хранливи материи кои е тешко да се добијат во доволни количини само од храна, како што е на пример витаминот Д, сепак цинкот е присутен во намирници и од растително и животинско потекло.
Најдобри извори од животинско потекло се школките, говедското месо, ракчиња, јастог, свинско и јогурт. Растителните извори вклучуваат вегетаријански печен грав, семки од тиква, семки од сусам, индиски орев, леблебија, леќа, киноа, овесна каша и растителна храна збогатена со цинк, како житариците.
Количината на цинкот кој ви е потребен секој ден лесно може да се добие преку нормална, избалансирана исхрана. Препорачаните додатоци во исхраната за цинк се 11 милиграми дневно за мажи постари од 19 години и 8 мг за жени постари од 19 години. Потребите за трудници и доилки се 11 односно 12 мг.
Храната која содржи цинк го снабдува организмот и со други важни хранливи материи како што се протеини, влакна, витамини и антиоксиданти. Бидејќи од правилната исхрана може да се добие доволно цинк, нутриционистите генерално препорачуваат цинкот да го внесуваме преку храна, а не преку суплементи.
Затоа, не се препорачува консумирање на додатоци без претходна консултација со нутриционист, лекар или друго стручно лице.
Исто така, од голема важност е да се одбере вистинскиот облик во кој ќе се консумира суплементот, како и дозата, бидејќи цинкот може да влијае врз дејството на некои лекови, на други суплементи, храна која се консумира, како и врз здравствената состојба.
На пример, додатокот на цинк може да ја намали апсорпцијата на антибиотикот, како и нивото на шеќер во крвта кај луѓе со дијабетес тип 2.
Високи дози на суплементи од калциум може пак да ја намалат апсорпцијата на цинк, додека земањето на цинков сулфат со кафе, може да ја намали апсорпцијата на минералот дури за половина.
Премногу цинк во облик на суплемент може да предизвика нуспојави како: мачнина, повраќање, губиток на апетит, грчеви во стомак, дијареа и главоболка.
Прекумерните количини на цинк исто така, може да доведат до промена на нивото на бакар и железо во организмот, да го ослабат имунитетот и да се намали нивото на “добриот” холестерол во крвта.
Максималната горна граница за внес на цинк, која вклучува и храна и додатоци во комбинација, изнесува 40 мг дневно за сите возрасни лица постари од 19 години.
Долгорочен внес над таа граница го зголемува ризикот од штетни ефекти врз здравјето, освен ако лекарот пропишал и прави надзор врз одредена здравствена состојба.