Сите ги обожаваат питите и кифлите особено кога се подготвени со путер кој дава посебна арома. Путер питите мирисаат низ целата куќа при печењето, а додека се јадат сами се топат во уста. Овој рецепт за путер пита е на Валентина, за која таа вели дека е повкусна и од путер кифлите. Пробајте и сами ќе се уверите, без долго тегнење и чекање на тестото. Еве што ви е потребно.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл вода, 100 мл масло, 1 јајце, 30 г квасец, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сол, 2 лажици 9% алкохолен оцет, околу 950 г брашно, 250 г путер или маргарин, 1 јајце за премачкување. ЗА ФИЛОТ: свеж млад кромид, 500 г урда/сирење + сол и црн пипер. Филот може да го подготвувате и по ваша желба.




ПОСТАПКА: Во сад каде што ќе го замесувате тестото ставете 500 мл млака вода, потоа додајте 100 мл масло, 30 г издробен и изронет квасец, 1 јајце, 1 лажичка шеќер и 2 лажици 9% алкохолен оцет. Сите состојки убаво соединете ги со жица/маталка додека да се соединат во еднолична смеса. Потоа, постепено се започнување со додавање на половина од брашното, околу 400 г.




Соединувајте го брашното, како што постепено го додавате во смесата, па додајте ја солта. Кога ќе ја соедините првата половина од брашното, се додава останатото брашно и се замесува со рака додека да се добие тесто со средна цврстина. Тестото треба да биде мазно, компактно и да не се лепи под прстите.




Префрлете го тестото на набрашнета рамна површина, домесете го уште малку, па поделете го на два еднакви делови. Од секој дел формирајте топки, па оставете ги да одморат на овал околу 10 до 15 минути, покриени под крпа или некоја кеса. По изминатото време, земете едно од тестата и развлечете го во тенок правоаголник, со помош на оклагија.




Тенката кора се премачкува одозгора со растопен или омекнат путер. Потоа се започнува со диплењето на корите кое е многу лесно. Од едната, подолга страна ја превиткувате кората негде повеќе од половина, па делот кој го превиткавте, повторно го премачкувате со растопениот путер.




Истото се прави и од спротивната страна која се преклопува врз првата. Повторно се премачкува, па се превиткуваат кратките страни до половина, да се добие изглед на перница, се намастува и се преклопуваат и двете половини, така што ќе се добие компактно квадратче. Вака подготвената кора ставете ја на набрашнет овал, покријте со кеса/крпа и ставете го фрижидер на 15-20 минути, додека идентично ја развлекувате и втората кора.




Додека второто тесто отстојува во фрижидер, се подготвува и филот. Филот може да биде по ваша желба. Јас го подготвував со свеж млад кромид и сирење. Младите кромитчиња се сечкаат на многу ситни парчиња. Го отстранувам зелениот дел и ги користам само перцињата со белиот дел.




Кромитчето може претходно да ги испржите, но и не мора. Исечканото кромитче се става во сад и се додаваат 2-3 лажички сол и сето тоа се меша за кромидот даомекне. Потоа се додава црн бибер и 500 г урда или дробено сирење, па повторно се соединува додека да се добие смеса која лесно се премачкува.

На набрашнената работна маса се става првото тесто, извадено од фрижидер и се растегнува со оклагија во правоаголна, тенка кора. Кората се дели на 3 еднакви делови, да се добијат долги ленти, јас ги сечев хоризонтално.




На подолгата страна на секоја лента се распоредува од филот (значи, филот треба да се подели на 6 еднакви делови за да ви стигне за двете кори). Потоа секоја кора се поклопува и се витка во ролат почнувајќи од страната на филот, со нежно притискање, при виткањето. Ролатот се витка спирално, но да не се стегнува премногу за кога ќе се испече да остане воздушест.

Вака подготвената лента се става во плех обложен со хартија за печење, на средина од плехот. Останатите две ленти се надоврзуваат на првата, и така сѐ додека да се исполни целата тепсија. На истиот начин се подготвува и втората кора и се реди во плехот.

Рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени, додека питата одмори уште малку. Оваа пита иако има квасец не се смета за квасна пита и затоа не е потребно да стасува пред да се пече. Подготвената пита се премачкува со јајце и може ако сакате да ја посипете со сусам или ким. Вака подготвената пита се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 25-30 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.