Ова е еден од највкусните шпански рецепти кој најчесто се послужува во слатка варијанта, иако може да се приготви и во солена. Многу лесно и брзо се приготвува, па откако ќе го пробате и вам ќе ви стане омилен рецепт. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 750 мл млеко, лупена кора од половина лимета (или лимон), 1 стапче цимет (или 1 лажичка во прав), 100 г шеќер, 1 супена лажица несолен путер/маргарин, 100 г брашно. ЗА КОРА: 1/2 лажичка мелен цимет, 50 г шеќер во прав, 1 јајце, 40 г брашно и уште 30 мл масло за пржење.




ПОСТАПКА: Во едно подлабоко тенџере ставете 600 мл млеко, па додајте лупена кора од половина лимета, едно стапче цимет и 100 г шеќер. Промешајте со лажица или шпатула за да се растопи шеќерот додека загревате на умерена температура.




После неколку минути со решеткаста лажица извадете гио стапчето цимет и кората од лимета. Настрана во еден помал сад ставете 100 г брашно и во него додајте 150 мл ладно млеко. Промешајте додека смесата да се изедначи и да нема грутчиња од брашното.




Смесата со растворено брашно додајте ја во топлото млеко (претходно ароматизирано со цимет и лимета), па ставете да се вари на ниска температура со непрекинато мешање. Млечниот крем е сварен кога ќе се згусне исто како пудинг.




Земете некој помал правоаголен и длабок калап, може да биде кутија од сладолед или некој друг пластичен или керамички сад со димензии 15х10х5 см и намастете го со една супена лажица несолен путер или маргарин.




Сварениот крем оставете го да се олади на собна температура со повремно промешување (или барем да биде млак), па излејте го во подготвениот калап и оставете го во фрижидер или некое ладно место да отстои 3 часа.




Потоа кремот истресете го од калапот и исечете го на парчиња со големина по ваша желба. Секое парче најпрво извалајте го во брашно (40 г) да се опфати убаво од сите страни, а потоа во едно изматено јајце.




Вака похувани парчињата спуштајте ги во загреано масло (30 мл) на умерена температура и пржете ги по неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат. Вадете ги на хартиена салветка, а потоа наросете ги или валајте ги во мешавина од 50 г шеќер во прав и половина лажичка цимет. Деталите можете да ги погледнете ОВДЕ.