Рецепт и видео презентација на Љубица од Бебина кујна – посно тоблероне.
Оригинален рецепт за домашно посно тоблероне, кое е толку вкусно што сите ќе ви бараат рецепт.
Потребни состојки:
150 г шеќер
2 лажици мед
100 мл кока кола
200 г мелени посни кекси
200 г посно чоколадо
150 г маргарин
50 г крупно сечкани пропржени ореви
50 г пропржен сусам
За глазура:
4 лажици масло
200 г посно чоколадо
Постапка:
Наместо ореви и сусам, по желба можете да ставите лешници или бадеми. Се пропржуваат во сува тава неколку минути додека да замирисаат и се оставаат на страна да изладат. Најпрво е потребно да се растопи чоколадото за глазура, а потоа се приготвуваат и останатите состојки.
Во тенџере ставете вода да зоврие, па врз неа поставете сад во кој ќе го растопите чоколадото на пареа. Искршете го на коцки, додадете масло и оставете го да се растопи.
Во друг сад на оган ставете го путерот/маргаринот на тивок оган, додадете 2 лажици мед, шеќер и чоколадото, па промешајте додека состојките да се растопат и соединат. Додадете ја кока колата и промешајте за да се изедначи. Готовата смеса оставете ја да излади.
За тоа време калапот за тоблероне обложете го со проѕирна фолија и премачкајте го со чоколадната глазура. Првиот слој откако ќе се стегне нанесете и втор слој.
Во подизладена смеса додадете ги оревите, сусамот и мелените кекси, па промешајте добро за да се изедначи смесата. Оставете го филот убаво да се излади за да не се растопи чоколадната глазура која претходно ја нанесовте.
Потоа рамномерно нанесете ја смесата и калапите оставете ги во фрижидер убаво да се стегнат, најмалку еден час. Потоа извадете ги, отстранете ја фолијата и сечете ги на парчиња. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.