Фото и изработка на Ленче Гогова – АЧМИ.

Денес нашата драга членка Ленче Гогова ги изработи вкусните ѓевречиња Ачми и ни претстави во групата НМД рецепти. Ачмите станаа вистински хит, бидејќи се многу вкусни и меки се како памук. Ако сè уште не сте ги пробале, топло ви ги препорачуваме.

Има повеќе верзии од овој рецепт, а ѓевречињата можете да ги полните со сирење, маслинки или да се остават празни. Секако се превкусни.

Потребни состојки:

1 чаша (200 мл) млако млеко
1 чаша млака вода
½ чаша масло
1 коцка свеж квасец (40 г)
1 лажичка сол
2 лажички шеќер
2 белки (жолчките за мачкање)
Брашно околу 800 г (може 700 г бело и 100 г пченкарно)
150 г путер за премачкување +-

Постапка:

Квасецот, шеќерот и солта се раствораат во 200 мл млака вода, па се додава млакото млеко и маслото, белките и на крај постепено се додава брашното. Се замесува меко и лепливо тесто.

Замесеното тесто се остава 15 минути да одмори. (На набрашнета површина се истресува смесата од тесто и се замесува меко тесто – овој чекор може да се пресконе, во зависност од тоа колку ви е меко тестото).

Потоа, површината на која ќе работите намастете ја, па развлечете го тестото со помош на прстите. Отворената кора премачкајте ја со омекнат путер или маргарин. Преклопете ја едната страна до половина, па одозгора премачкајте ја со путер.

Преклопете ја целосно со другата страна. Долгнавестиот правоаголник повторно развлечете го и уште еднаш одозгора премачкајте со путер. По желба, до половина се филува со сирење, маслинки или воопшто не се филува, па се преклопува со другата половина.

Потоа се сечат ленти, малку се сучат и се спојуваат како прстен. Одозгора се премачкуваат со изматени две жолчки и една лажица маџун (или масло) и се наросува со сусам по желба. Стасуваат 15 минути и се печат 15-20 минути во загреана рерна на 200 степени. Кога ќе се извадат од рерна, печените ачми се премачкуваат со малку путер.