Прилепчанките имаат добиено Гинисов рекорд, затоа што во една година направиле 40.000 сарми, а следната година направиле двојно повеќе, 80.000 сарми. Зора Момироска во улога на домаќин во емисијата на Алачки, „Вкусот на традицијата“, го откри рецептот за највкусните сарми, но не обични, туку т.н. „дроб-сарми“.




Дроб-сармите може да се прават од јагнешко или од свинско месо. Овој рецепт е наменет за 5 луѓе, а во однос на тоа, зголемете или намалете ја количината на состојките. Покрај тоа, вишокот сарми, може да ги замрзнете и да си ги имате во секој момент да дофат, но верувајте дека сите ќе се изедат, толку многу се вкусни.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г „бел џигер“-бели дробови (претходно сварен, па исечкан), 300 г „црн џигер“-црн дроб, 300 г свинско месо, 2-3 главици кромид, останати зачини (сол, вегета, црн пипер), 1 или 2 рака ориз, 1 јајце, 1 чаша од 200 мл свинска маст (или масло), 1 чаша од 200 мл домашно бело вино, 1 чаша од 200 мл доматен сос, парчиња „кошулица“-„марамица“ за виткање на сармата.

Ќе ви биде потребно и неколку зрна енибар (зачин кој се става во колбас, во супермаркетите го има под името „пимет“). Енибарот е зачин во зрна, сличен на црниот пипер, ама се користи најчесто мелен и во помали количини затоа што има многу силна арома.




ПОСТАПКА: Во едно тенџере со солена вода најпрво се вари „белиот џигер“, додека да омекне. На истиот начин се подготвува и „црниот џигер“. Сварените „џигери“ се сечкаат на парчиња (ситни коцкички), па се соединуваат во поголемо грне. Во смесата се додава 300 г свинско месо, исто така исечено на коцки.




Ситно исечкајте го кромидот настрана, додајте го во месото и малку промешајте ги состојките. Потоа додајте зачини по вкус. Во овој рецепт е додадено 2 лажички „вегета“ (сув растителен зачин), малку сол по вкус, прстофат црн пипер. Во смесата се додава 1 рака измиен ориз, ако сакате додајте и повеќе.




Во грнето каде што ги соединувате состојките се додава 1 јајце, бидејќи ако не се додаде, состојките нема да се соединат. Потоа во грнето се додава малку „сало“ (свинска маст) бидејќи „џигерот“ не е многу мрсен, може да се замени и со обично масло (околу 1 помала чаша).

Додајте 1 чаша бело вино и уште 1 чаша доматен сос. Сите состојки се мешаат со дрвена лажица додека убаво да се соединат и течните состојки да се распоредат насекаде низ месото.




Се зема по еден лист од „кошулицата“-„марамицата“ за сарма и се оптегнува на кутлача-црпалка. Може да користите и некоја широка чаша или вдлабнат сад, наместо црпалка. Исполнете ја вдлабнатината со приготвениот фил и свиткајте во вид на топка-сарма. На овој начин се подготвуваат сите дроб-сарми.




Вака подготвените дроб-сарми се редат во голем плех (или грне) за печење, една до друга. Дроб-сармите излегуваат навистина големи и затоа за нив се употребува повеќе фил. Од „мастрафот“ кој ќе ви остане на крајот, тетка Зорка предлага да го подготвите на следниов начин: се дотура малку водичка и се прави како гулаш, за наредниот ден да си имате за ручек.

Помеѓу сармичките се ставаат неколку зрна енибар (пимет), дотурате вода и речиси 1 чаша масло (100 мл). Дроб-сармичките се печат 1 час, прво на 150 степени, а потоа температурата на рерната се зголемува на 200 степени за да се запече фино одозгора. Деталите од целата подготовка на дроб-сармите може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.