Ова е јадење кое мајка ми често го правеше кога бевме деца, но и денес често го прави кога ќе се собереме целото семејство и и’ треба нешто набрзина. Кратко кажано, преснецот е брзо, едноставно и евтино јадење за целото семејство.




Покрај тоа ова јадење е доста лесно, одлично е за да се направи како вечера за да не ви тежи на стомакот. Особено за децата е одлично бидејќи сакаат да јадат нешто меко, како пита, но многу вкусно.

Потребни состојки: 3 јајца, 3 полни лажици брашно, 500 мл млеко, 2 полни лажици кајмак, павлака или некој цврст јогурт, сол по вкус околу 10 г. Доколку правите поголема количина да знаете дека на 1 јајце оди по 1 полна лажица брашно.




Постапка: Во сад скршете ги трите јајца и изматете ги со жица-маталка. Посолете по вкус и додајте го кајмакот и на крај се додава брашното. Цела смеса убаво се соединува и се меша да нема грутки.

Во намастен кружен или правоаголен плех со средна големина се намастува со малку масло и смесата се излева во него. Да не се грижите ако смесата ви изгледа премногу ретка, таква и треба да биде, да не додавате повеќе брашно.




Се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 30 минути додека да фати коричка одозгора. Послужете со сирење, јогурт или нешто сувомеснато. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.




II РЕЦЕПТ. Рецепт на Бригита Хусиќ – Лења Пита на брзина. Драги мои, ова е брзо, побрзо не може, вкусно, а повкусно не може, едноставно, а поедноставно не може. Можеби многумина ќе се потсетат на овој рецепт од детството, пробајте, ќе се воодушевите.




Потребни состојки: 500 г ситно солено сирење за пити, 5 јајца, 500 г кисела павлака (или густ јогурт), 500 г крем сирење (неутрално, несолено), 1 прашок за печиво, 2 мали шолји за кафе масло, 8 полни лажици брашно, 4 полни лажици пченкарно брашно и сол по потреба.




Постапка: Во еден сад измешајте ги двете брашна со прашокот за печиво. Соленото сирење ситно издробете го, па во него додајте го јогуртот и крем сирењето. Промешајте убаво да се изедначи, вкусете, па по потреба додајте сол.




Во добиената смеса додајте го маслото и брашното, па убаво промешајте со лажица. Кога ќе се соедини смесата додајте 5 јајца и уште еднаш убаво промешајте до хомогенизирање.




Рерната добро загрејте на 200 степени а тепсијата (30 см) намастете ја со масло и ставете ја во рерната и таа да се загрее (3-4). На овој начин, кога смесата ќе се излее врз загреано масло, питата нема да се залепи.




Значи, излејте ја смесата во загреана тепсија и израмнете добро. Вратете во рерна да се допече на 200 степени (на подолната решетка) додека убаво да зарумени, околу 40 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.