Толку сочен и вкусен колач што не може да се опише со зборови. Колачот не содржи брашно, а се состои од чоколадо, портокал и ореви. Комбинација од соништата! Освен што е многу вкусен, овој колач се приготвува и многу набрзина. Рецепт на Јелена Петровиќ.
Потребни состојки: 3 јајца, 100 г шеќер, 1 шолја млеко (шолја од 100 г), 1 шолја гриз, 1 шолја масло, 100 г мелени кекси, 100 г мелени ореви, 1 лажица какао, 1 кесичка прашок за печиво, рендана кора од еден портокал, 1 кесичка ванилин шеќер. За сируп: 200 г шеќер, 200 мл вода и сок од 1 портокал
Постапка: Во подлабок сад изматете ги пенасто јајцата со постепено додавање на шеќерот. Матете додека тој да се растопи и да згусне смесата. Најдобро е прво да ги изматите белките во цврст снег заедно со шеќерот, а потоа една по една да ги додадете и жолчките (или сите одеднаш).
На овој начин ќе добиете повоздушеста смеса и тестото ќе биде многу поубаво. Потоа додајте го млекото, гризот, маслото, мелените бисквити, мелените ореви и какаото во прав. Потоа додајте просеан прашок за печиво, рендана кора од портокал и ванилин шеќер. Мешајте со лажица или шпатула.
Добро измешајте додека смесата да стане компактна а состојките да се изедначат. Добиеното тесто разлејте го врз намастен плех. Одозгора можете да наросите ситно сечкани ореви, по желба. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 35 минути.
За тоа време направете го сирупот. Во едно тенџере ставете шеќер и прелијте со вода. Ставете да се вари околу 5 минути и додајте го сокот од портокал. Врелиот испечен колач исечете го на коцки, па прелијте го со сирупот. оставете да се олади и да го впие. А потоа сладете се. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ Колач без брашно и шеќер – светски хи т за многу добар десерт
Се прави многу лесно, баш е добар а рецептот ми го испратија од Јужна Америка. Дома сите го обожаваме бидејќи многу лесно се прави, а и според состојките спаѓа во екстра здрав колач.
Потребни состојки: 4 јајца, 2 портокали, 200 ореви или бадеми или лешници или кокос, ½ лажичка сода бикарбона, 100 г црно чоколадо и 200 мл неутрална павлака за готвење
Постапка: најпрво портокалите потопете ги во раствор од сода бикарбона и оставете ги да отстојат половина час. Потоа гответе ги околу половина час додека да омекнат. Сомелете ги добро во блендер, додајте ги јајцата и јаткастите плодови, претходно смелени, па малку сода бикарбона.
Добиената смеса убаво изедначете ја, излејте ја во некој помал калап претходно намастен и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути.
На умерена температура загрејте ја неутралната павлака, но не дозволувајте да зоврие. Со топлата течна павлака прелијте го чоколадото искршено на коцки и промешајте додека да се растопи. Прелијте го готовиот и изладен колач. Разладете во фрижидер и послужете.