Денес повторно ви претставуваме рецепт за солени топчиња, како вид предјадење кое може да се приготвува од различни состојки. Бидејќи може да се изедат во еден залак, на гостите им овозможуваат да испробаат повеќе различни вкусови, па токму затоа се омилената закуска. Еве што ви е потребно за основната смеса:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г тврдо сирење/кашкавал, 5 тврдо сварени јајца, 2-3 чешниња лук или по вкус, неколку лажички мајонез по потреба, сол и мелен црн пипер по вкус. Кашкавалот, јајцата и лукчето треба да се изрендаат, да се додадат неколку лажички мајонез и да се зачини по вкус.




ПОСТАПКА: Во поголем сад соединете ги состојките за основната смеса. мајонезот додавајте го постепено за да оцените колку ќе ви биде потребно (приближно 3 полни супени лажици). Треба да добиете средно мека смеса која лесно може да се обликува. Оваа смеса поделете ја на 5 или 6 делови (бидејќи основната смеса е бела, може да направите и бели топчиња).




1.ВЕРЗИЈА: Во едниот дел од основната смеса додајте 100 г рендани ракови стапчиња (можат да се најдат смрзнати, како црвени стапчиња, кои вкусшност се обликувани од мелена бела риба) и една полна лажица мајонез, па промешајте до изедначување.




Потоа ставете кујнски најлонски ракавици, навлажнете ги и формирајте топчиња. Црпете со мала лажичка за приближно да бидат сите еднакви, а во средината од секое топче ставете по една зелена маслинка и валајте ги во рендани ракови/крабови стапчиња.




2.ВЕРЗИЈА: Во основната смеса додајте половина краставица, ситно исечкана/изрендана и исцедена од сокот. Во оваа мешавина можеби нема потреба да додавате мајонез, бидејќи краставичките се влажни. Во секое топче ставете мало парче димен лосос и валајте ги половината во бел сусам, а половината во мешавина со црн сусам.




3.ВЕРЗИЈА: Во основната смеса додајте ситно изрендан еден морков и промешајте до изедначување. Во секое од топчињата ставајте мала оревова јатка, а потоа валајте ги во мелени ореви или мелени соленки.




4.ВЕРЗИЈА: Во основната смеса додајте приближно 50-тина грама ситно сечкан димен лосос и уште толку ситно сечкани зелени перца од кромид или власец. По потреба додајте и една лажичка мајонез за да добиете фина смеса за обликување. Топчињата валајте ги во сув зелен копар (или свеж).




5.ВЕРЗИЈА: Во основната верзија додајте една рака ситно исечкани суви домати, добро промешајте, па во обликуваните топчиња ставајте по една зелена маслинка. Валајте ги во црвен пипер во прав. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.