Менискус е ‘рскавица која се наоѓа помеѓу натколеничната и потколеничната коска, и претставува дел од зглобот на коленот. Има амортизирачка функција.

Здравиот менискус е цврст и еластичен и одлично го одржува коленото во стабилна положба. Коленото има медијален (од внатрешна страна) и латерален (од надворешна страна) менискус.

Повредите на менискусот се една од најчестите повреди на коленото, особено кај спортистите, но било кој може да се стекне со ваква повреда независно од полот и возраста.

Познато е дека нелекуваните повреди на менискусот доведуваат до понатамошно оштетување на коленото на зглобот и рана појава на остеоартритис.

Оштетувањето на менискусот може да се подели во повеќе видови типови, во зависност од нивниот изглед и локација. Напукнувањето може да биде хоризонтално, попречно, надолжно, косо или комбинација од сите претходни.

СИМПТОМИ ЗА ПОВРЕДА НА МЕНИСКУС

Почетните симптоми се локализирачка болка и оток во коленото. Болката е од надворешна или внатрешна страна на коленото. Со текот на времето, после неколку седмици, отокот и болката се намалуваат, но можна е појава на:

-блокада на коленото – коленото не може да се испружи

-има чувство на прескокнување

-чувство на нестабилност во коленото

ДИЈАГНОЗА

Често може да се дијагностицира од самиот физички преглед и опис на симптомите, но со снимање со магнетна резонанца се дава конечна потврда.

Менискусот тешко може да зарасне сам од себе, бидејќи зависи од локацијата на пукнатината и снабденоста со крв во тој дел, што помага за регенерација.

Обично надворешната третина на менискусот има потенцијал за исцелување, но внатрешните два третини од повредениот менискус мора да бидат хируршки санирани.

ОПЕРАЦИЈА НА МЕНИСКУС

Артроскопија е еден од новите методи за лекување (и дијагностика) со минимално инванзивна техника и краток престој во болница. Се прават мали засеци низ кои навлегуваат хируршки инструменти, еден со камера, а друг со скалпел за отстранување на оштетениот менискус. Се сошиваат отсечените делови или целосно се отстрануваат.

Зафатот во висок процент е успешен и компликациите се многу ретки.

КОЛКУ ТРАЕ МИРУВАЊЕТО ПОСЛЕ ОПЕРАЦИЈАТА?

Првите неколку денови после операцијата потребно е да се мирува, да не се оптеретува ногата со полна тежина, но истовремено, во кревет да се прават вежби за квадрицепсот за да не дојде до негова атрофија. Сето тоа е следено од физиотерапевт.

Постепено се започнува со физикална рехабилитација и вежби со кои се јакне квадрицепсот, за стабилизација на коленото и вежби за враќање на полн опсег на движењата во зглобот.

Должината на закрепнувањето зависи од тежината на повредата и тежината на хируршкиот зафат. После операцијата и успешно спроведената рехабилитација, можно е враќање на спортските и секојдневните активности.