Ако ви треба брза закуска која може да замени оброк, овој рецепт е максимално брз и нема потреба од никакво чекање. Без да замесувате тесто направете ги овие фурнаринки со обичен бел леб, а сè што треба да направите е да наредите неколку состојки одозгора.
„Мммм, навистина изгледа многу вкусно. Прво не ми се веруваше дека е готово за 20 минути, но навистина е така. 5 минути работа и уште 15 минути печење. Многу убав и зачинет вкус. Таман за ако ви дојдат ненајавени гости да се прикриете на 5 минути во кујна и да направите нешто набрзина“, вели една читателка.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 обичен бел леб (220 г), 100 г путер отстојан на собна температура, 2 колбасици (200 г), 4 јајца, 150 г чедар кашкавал, 2-3 лажици листови магдонос, 1 лажица сол.
ПОСТАПКА: Лебот пресечете го напречно да добиете две половини. Ставете ги во плех со хартија за печење и одозгора премачкајте со полурастопен путер по мекиот дел. Димениот колбас исечкајте го на тенки парчиња и наредете едно врз друго додека да ги исполните двете половини.
Изматете 4 јајца со жица и додајте малку сол. Подеднакво излејте ги врз лепчињата и одозгора изрендајте од чедар кашкавалот или некој друг кашкавал по ваш избор. Наросете неколку ливчиња магдонос и ставете на печење во претходно загреана рерна на 200 степени, 15 минути.
Пресечете на помали парчиња и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и вториот рецепт:
II РЕЦЕПТ. Стар леб полнет со вкусна смеса од павлака и ајвар. Фото и рецепт: Маја Танасковиќ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 стар леб, суво месо или нешто сувомеснато по ваш вкус, кашкавал, малку павлака, сенф, ајвар, кромид, лук, црн пипер.
ПОСТАПКА: Лебот прво исечкајте со остар нож во вид на мрежичка со коси линии, така да добиете коцки, но внимавајте да не го исечете лебот до крај. Во еден сад ставете исечкан кромид, лукче, неколку лажици павлака, малку сенф за вкус, и една – две лажици ајвар. Сето ова убаво измешајте го.
Измачкајте го лебот убаво помеѓу преградите и наредете парчиња суво месо и кашкавал. Одозгора зачинете со црн пипер и зачини по ваш вкус. Ставете во рерна и печете 10-тина минути, додека да се фати убава кора одозгора а кашкавалот да се растопи.