Овие ситни колачи се многу вкусни, а излегуваат колку за цело соседство. Се прават од само неколку состојки кои веројатно постојано ги имате во домот и нема да ви бидат потребни во голема количина.
Можете да си ги направите за Божиќ кога завршуваат посните денови и да се засладите со овие превкусни колачиња. Не ги сакаат само децата, и возрасните беа воодушевени од нив и веднаш ми побараа рецепт.
Потребни состојки: 320 г меко пченично брашно, 2 јајца, 50 г шеќер, 80 г путер, 80 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 2 супени лажици слатко какао или Несквик, прстофат сол, половина лажичка прашок за печиво, кикиритки. За прелив: 70 г шеќер, 60 г бело чоколадо, 60 мл вода.
Постапка: Во еден сад скршете го едното јајце. Второто јајце одделете го од белката, а жолчката додајте ја во првото јајце. Додајте ја солта, ванилиниот шеќер и обичниот шеќер и соединете.
Белката тргнете ја настрана бидејќи ќе ви биде потребна за подоцна. Во смесата додајте го Несквикот или благото какао, маслото и путерот. Измешајте ги сите состојки до соединување.
На крајот се додава брашното заедно со прашокот за печиво и смесата се замесува во фино тесто кое не се распаѓа. ВАЖНА ЗАБЕЛЕШКА: Јајцата и путерот оставете ги на собна температура да отстојат 1 час пред да почнете со подготовка на ситните колачи.
Кикириките исечкајте ги ситно, но може да користите и било кои други јаткасти плодови. Колачите убаво би оделе и со ореви. Од соединетото тесто вадете слична големина од колачите и формирајте топчиња.
Секое топче валкајте го прво во белката која ја тргнавте настрана, па во сечканите кикирики и на средина направете вдлабнатина како што е прикажано на видеото подолу.
Колачите редете ги плех со хартија за печење и печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, 15-20 минути. Во меѓувреме подгответе го преливот: растопете го шеќерот во тенџере додека се карамелизира и стане течен.
Постепено започнете да ја додавате водата со постојано мешање до соединување додека шербетот малку да се разреди. На крајот се трга од рингла по 5 минути варење и се додава белото чоколадо и се меша додека да се растопи.
Карамелот ставете го во кујнски шприц и филувајте ги колачињата во вдлабнатината која претходно ја направивте. Одозгора може да декорирате со неколку линии бело чоколадо. Оставете малку колачите да се стегнат и послужете. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.