Направете ги овие вкусни, посни ќофтиња кои може да ги комбинирате со различни прилози, како на пример, со пире, ориз или со зелка салата. Може и да ги ставате во манџа или чорба, а вкусот е предобар. За време на посните денови, ова е еден од најчестите ручеци кои ги подготвувам. Дури и сопругот знае да ги направи од што се лесни за подготовка, иако не е многу вешт во кујната, но и на него овие му се омилени.




Се подготвуваат без соја и со многу малку масло. За кратко време ќе се заситите од нив, а ќе ги правите и во денови кога не се пости. Оние кои не постат исто ќе се се воодушеват од овој рецепт. Всушност, ќофтињата се подготвуваат од бел грав, а ако не постите, може да додадете месо како прилог. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 700 г бел грав, 1 главица, лук, 1 главица кромид, 1 китка магдонос, 1-2 лажички зачинска црвена пиперка, сол, црн пипер, вегета, 4 лажици презла, 4 стапчиња праз, 100 мл масло.




ПОСТАПКА: Земете една дрвена даска и на неа исечкајте ситно една главица кромид, на коцки. Гравот се подготвува на вообичаен начин, преку ноќ се потопува во вода и се остава да кисне. Следниот ден, таа вода се фрла и се прелива во тенџере со нова вода. Додајте го исечканиот кромид, па тенџерето ставете го на рингла и вклучете ја на тивка температура.




Повремено промешувајте го гравот додека се вари, па кога ќе омекне, е потребно да го испасирате. Гравот треба да биде мек за да може да се испасира. Потоа ситно се сечкаат 4 стапчиња праз или на коцки (како повеќе ви одговара), а притоа многу убав изглед дава зелениот дел од празот. Празот се пропржува во малку масло, 150 мл на тивко.




Во меѓувреме, гравот се блендира или се гмечи како пире со рачен блендер. Доколку останало малку вода во гравот, треба да ја процедите и дури потоа да го испасирате во пире. Во гравот додајте го ситно исечканиот магдонос и измешајте. Потоа додајте ги зачините по ваш вкус, како: црвена слатка пиперка, црн пипер, сол, сув зачин и 4 лажици презла.




Измешајте ги состојките додека целата смеса да се соедини. Потоа останува да го додадете ситно сечканото лукче или да го изгмечите низ преса. Кога ќе ги измешате состојките, дегустирајте малку од смесата за да видите дали сите состојки ви одговараат и по вкус зачинете уште малку, доколку е потребно.




Празот се реди во плех и добро се распоредува на дното, а потоа врз него се редат ќофтињата. Секое ќофте формирајте го со помош на две лажици за да не ги валкате рацете, или доколку ќофтињата ги правите со раце, наквасувајте ги со малку вода, за смесата да не ви лепи. Ќофтињата направете ги по ваша големина, а ако смесата не е доволно густа, може да додадете повеќе презла.




Пред да ги распоредите ќофтињата врз празот, малку извалкајте ги во презла за да бидат како похувани. На крајот, направете запршка која треба да ја прелиете врз ќофтињата, за да бидат посочни. ЗА ЗАПРШКА: Се загрева 100 мл масло, потоа се гаси ринглата и се додава 1-2 лажици зачинска црвена пиперка (за да не загори), малку се промешува и смесата се прелива врз ќофтињата, кои сте ги наредиле врз празот.




Ќофтињата се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути, а потоа послужете ги со прилог по ваша желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.