Вкусот на ова јадење ќе ве воодушеви. Доколку имате пиперки од туршија, задолжително да си го направите. Секоја намирница поприма вкус од останатите и се добива еден благо-киселкаст вкус…Филот можете да го приготвите и зачините по ваш вкус.

Фото и рецепт на Снеже Снешка – Прилепски рецепт “Ујкурец” или “Дујкурец”.

Рецептот за ова превкусно посно јадење ни го откри нашата драга членка Снеже Снешка во групата НМД рецепти.

“Се прави од сторени пиперки, а филот за полнење е ист како за посна сарма. Потоа пиперките се поклопуваат со огноотпорен капак или чинија и се варат на тивок оган” – вели Снешка.

Потребни состојки:

Неколку пиперки од туршија
2-3 поголеми компири
2-3 моркови
2 главици кромид
околу 100 г ориз
сол, црн пипер и масло по потреба

Постапка:

Ова е рецепт за печени пиперки во рерна. На пиперките отстранете им ги дршките со семето, компирот излупете го и изрендајте го, кромидот излупете го и исечкајте го, а оризот измијте го и кратко проварете го.

На масло запржете го кромидот, додадете морков, компир и на крај обарениот ориз. Посолете, запиперете и сето добро промешајте го.

Со оваа смеса добро наполнете ги пиперките (внимавајте тие да не ви пукнат), затворете ги со парче компир и наредете ги во намастен сад. Вишокот од смесата наредете ја помеѓу пиперките и налијте вода колку малку да се покријат.

Одозгора наросете уште малку масло, па садот поклопете го или затворете го со алуминиумска фолија. Ставете во рерна да се пече околу 20 минути на посилен оган, а потоа тргнете ја фолијата, па печете уште 20-тина минути на послаб оган.

Доколку сакате луто, во смесата додадете малку лута толчена пиперка или покрај другите ставете и некоја лута пиперка од тегла. Вкусни се како топли, така и ладни.

coolinarika.com