Home Посно јадење Посни ќофтиња во доматен сос без капка масло (на вода)

Посни ќофтиња во доматен сос без капка масло (на вода)

Ќофтиња од ореви во богат доматен сос – без масло

Овие вегански ќофтиња од мелени ореви се вистинско богатство на вкус и текстура, а се приготвуваат исклучиво на вода – без грам масло или маснотии.

Совршени се за сите што сакаат здрава, лесна и ароматична храна со медитерански призвук, пишува НМД. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки

За ќофтињата (за околу 12–14 парчиња):
– 200 г мелени ореви
– 100 г стар леб (без кора)
– ½ главица кромид (средна големина)
– ½ лажичка благ сенф
– НМД
– 1 лажичка сува мирудија (или мешавина од зачини по вкус)
– 1 лажичка слатка црвена пиперка во прав
– сол по вкус

За доматниот сос:
– 500 мл мелени домати или густ доматен сос
– ½ главица кромид (средна големина)
– 1 лажица брашно
– 3 ловорови листови
– по желба: малку сув босилек, оригано и мелен црн пипер

*наместо ореви можете да користите индиски ореви или други јаткасти плодови, наут, грав, леќа или други мешункасти плодови, претходно омекнати со натопување или варење во вода.

Друга варијанта е ќофтињата да ги направите од смеса со варен компир помешан со варен ориз, мелени овесни снегулки, ситно сечкан кромид и зачини, па да ги валате во пченкарно брашно.

Постапка

1. Рерната загрејте ја на 180 °C. Плехот обложете го со хартија за печење.

2. Лебот ставете го во блендер заедно со половина главица грубо исечен кромид. Изблендирајте додека да се добие изедначена смеса.

3. Во подлабок сад соединете ја добиената смеса од леб и кромид со мелените ореви. Додајте сенф, мирудија, црвена пиперка и сол по вкус. Добро замесете со рака додека да се формира цврсто и еднолико тесто кое може да се обликува.

4. Од смесата обликувајте топчиња со големина на орев или малку поголеми и редете ги во плехот. Печете 25 минути во загреана рерна – доволно е да добијат лесна коричка, но да останат сочни внатре.

5. Додека ќофтињата се печат, подгответе го сосот. Преостанатата половина главица кромид ситно исечкајте ја и ставете да се динста со малку вода.

Кога кромидот ќе омекне и водата речиси целосно ќе испари, додајте уште малку вода и лажица брашно. Брзо промешајте за да не се создадат грутки.

6. Веднаш потоа додајте го доматниот сос, ловоровите листови и по желба зачини (босилек, оригано, црн пипер). Посолете по вкус.

Оставете сосот да крчка на умерен оган 15 минути со повремено мешање, додека малку да се згусне и вкусовите да се соединат.

7. Во готовиот сос внимателно додајте ги печените ќофтиња. Нежно промешајте и оставете ги заедно да крчкаат уште 5–6 минути на тивок оган за да ги впијат аромите од доматите.

Послужете топло, по желба со варен ориз, интегрален кус-кус или свеж леб. Добар апетит!