Потребни состојки:
1 кг брашно
40 г квасец
300 мл млака вода
200 мл кисела вода
100 мл масло
2 лажици шеќер
2 кесички ванилин шеќер
1 лимон – рендана кора
1 портокал – рендана кора многу малку
1 лажичка сол
Масло за длабоко пржење на крофните
Постапка:
Во вангла ставете квасец, лажица шеќер и лажица брашно. Добро измешајте со малку вода и оставете квасецот да се активира.
Потоа во надојдениот квасец додадете масло, кисела вода, шеќер, рендана кора од лимон и портокал, ванилин шеќер. Замесете со брашно. Брашното додавајте го малку по малку и додадете сол. Завршете со месењето и оставете го тестото да одмори за да се удвои.
Тестото развлечете го на работна површина поросена со брашно, вадете кругови со чаша и оставете ги малку да надојдат, околу 10-тина минути.
Маслото загрејте го и горната страна од крофните спуштајте ја свртена кон долу. Поклопете и пржете околу една минута, тргнете го капакот и оставете од долната страна уште да порумени. Свртете и на другата страна за да зарумени.
Вадете ги крофните на салветка за да се оцедат, наросете шеќер во прав и послужете со џем.