Направете си ги овие полнети посни пиперки. Јадењето има одличен вкус, штом еднаш ќе ги направите, ќе ги сакате и нареден пат. Ако одберете убав грав за овие пиперки, резултатот со сигурност ќе биде воодушевувачки. Рецептот на Валентина не може да ве разочара, како што вели таа, испробан е многупати и се прави едноставно.




Во филот се става само грав, а доколку сакате може да додадете и зеленчук по вкус. Некои сакаат да си додаваат морковчиња, пиперки, ориз, праз итн.., но навистина нема потреба бидејќи овие полнети пиперки се убави сами по себе. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г-1 кг грав, 1 главица лук, 2 литри вода, 3-4 главици кромид (400-500 г), 1-2 лажици брашно, сол, сув зачин, зачински црвен пипер во прав, црн пипер, суви пиперки – можете да користите и свежи или кисели пиперки. Време за готвење на гравот од 1 час и 30 минути до 2 часа. За време, на готвењето, по потреба додавајте вода.




ПОСТАПКА: Гравот кој ќе го одберете треба да биде квалитетен, да го земете од познат произведувач (да не е мешан ланскиот со овогодинешниот). Закиснете го гравот во вода во едно тенџере и оставете го да отстои преку цела ноќ. Претходно може да го ставите гравот во неколку води, додека да го ставите во третата или четвртата да отстои преку цела вечер.




Следниот ден, гравот процедете го од водата и ставете го во тенџере. Гравот треба да биде малку набубрен, пред да го ставите на варење. Прелијте го со 1,5 литар или два литри вода и ставете 1 главица лук поделена на чешниња да се вари заедно со гравот. По потреба, додавајте повеќе вода.




Покријте го тенџерето со капак и гответе го гравот околу 2 часа, на тивко, за да не се распадне и да не му излезат лушпите. По варењето, процедете го од водата во која се готвеше, а неа сочувајте ја за подоцна. Ситно исечкајте го кромидот, а по желба и лукчето. Ставете да се пржи во малку масло, додека да застакли и пред крајот зачинете по вкус, со зачини по ваша желба.




Ставете црвена зачинска пиперка и додајте 2-3 кутлачи вода во лукчето, за да се направи како сос. Кога смесата ќе згусне, тргнете ја од оган и прелијте преку гравот. Измешајте додека да се соедини во сосот и филот да стане кремаст.




Пиперките сварете ги малку (ако се суви), во зовриена вода околу 15-тина минути, за да може полесно да ги наполните со филот. Може да користите и свежи пиперки или пиперки од туршија. Полнете ги пиперките со филот од грав и редете ги во едно поголемо тенџере.




Кога ќе го наполните тенџерето, одозгора прелијте со водата во која се вареше гравот. Печете ги пиперките во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 30-тина минути, под капак. Послужете ги топли, а ако ви излегле многу, може да си ги замрзнете за Св. Никола. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.