Посните плескавици се одлична идеја за ручек или како прилог за главното јадење, особено во денови на пост. Плескавиците може да се приготвуваат од риба, но и само од зеленчук. Подготвивме неколку брзи рецепти, се надеваме дека ќе ви се допаднат. Еве што е потребно:

рецепт 1

 




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 компири, 1 морков, 1 главица кромид, 1 чешне лук, 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка црвена зачинска пиперка во прав, 3 супени лажици лебни трошки (презла), 1 конзерва туна, 1 мала лажичка мелен црн пипер, сусам и масло за премачкување

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 компири, 1 морков, 1 помала главица кромид, 2-3 чешниња лук, 1 супена лажица сусам, сол и црн пипер по вкус, 2 полни супени лажици овесни снегулки. За похување лебни трошки (презла) и сусам

рецепт 3

РЕЦЕПТ 3 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г компир, 5 супени лажици брашно, 2 супени лажици доматно пире или кечап, 100 г парчиња соја, 1 мала главица кромид, малку сечкан свеж магдонос, сол и црн пипер по вкус, лебни трошки за валање и масло за пржење/печење




ПОСТАПКА за рецепт 1: компирот измијте го, излупете го, исечете го на парчиња со приближно еднаква големина и сварете го во вода со малку сол. Истото сторете го и со морковот. Процедете ги од водата и со помош на виљушка испасирајте ги во пире.




Во пирето од компир и морков додајте ситно сечкан кромид и лук, промешајте за да се изедначат состојките, па посолете и додајте зачини. Повторно промешајте за да се распоредат зачините, па додајте туна од една конзерва, процедена од течноста.




Изедначете ја смесата и додајте три супени лажици лебни трошки за да впијат влажноста. Ако сметате дека смесата е премногу влажна, додајте уште малку лебни трошки. Потоа црпете со лажица и со намастени раце обликувајте топчиња. Валајте ги во сусам, па редете ги во плех обложен со хартија за печење.




Секое топче со дланката нежно притиснете го за да се формира плескавица. Обликуваните плескавици одозгора премачкјате ги со масло и ставете да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени, 20-тина минути или додека да заруменат. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: компирот излупете го, исечкајте го поситно и ставете да се свари. За тоа време изрендајте го морковот на ситно ренде. Сварениот компир процедете го од водата и испасирајте го како пире. Додајте рендан морков, ситно сечкан кромид и лук, сусам, сол и црн пипер.




Сето убаво промешајте го за да се изедначи смесата, па на крај додајте ги овесните снегулки. промешајте и оставете смесата 5-10 минути да отстои во фрижидер, па обликувајте плескавици и пржете ги на масло додека да заруменат или испечете ги во рерна на 200 степени, премачкани со малку масло. Следи постапката за третиот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 3: компирот излупете го и исечете го на коцки. Кромидот исто така, излупете го, пресечете го на половина и ставете го да се вари заедно со компирот. Парчињата соја прелијте ги со врела вода и оставете ги да набубрат.




Варениот компир заедно со кромидот процедете ги од водата и испасирајте ги во пире. Додајте брашно, доматно пире или кечап, процедената хидрирана соја и сечкан магдонос. Посолете, запиперете и промешајте да се изедначи. Со намастени раце црпете од смесата, правете плескавици и валајте ги добро во лебни трошки.

Пржете ги во загреано масло на умерена температура додека убаво да заруменат од двете страни, па вадете ги во чинија обложена со хартиена салветка за да се впие вишкот маснотија. Или пак, печете ги во рерна на 200 степенени, во плех обложен со хартија и премачкани со малку масло.