Од нашата драга членка Маца, повторно имаме нов и интересен рецепт за читателите на НМД: Брзи и едноставни посни топчиња од јаболка и ореви кои можете да ги приготвувате за слави, празници, но и за секојдневна закуска.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг јаболка, 300 г шеќер, 120 г ореви, 150 г несолен путер, 1 лажичка цимет, 500 г мелени посни кекси и кокос за валкање на бомбиците. Топчињата може да ги валкате и во мелени кекси, мелени ореви, лешници или пак да ги натопувате во растопено посно чоколадо.
ПОСТАПКА: Јаболката измијте ги, излупете ги, па изрендајте ги од крупната страна на рендето. По желба кој сака, во јаболката може да наросите неколку капки лимонов сок за да не потемнат.
Ренданите јаболка ставете ги во тава, додајте 300 г шеќер, па вклучете ја ринглата на умерена температура. Гответе ги со повремено промешување додека да испари вишокот течност.
Во меѓувреме, 120 г ореви ситно исечкајте ги врз даска или пак, ставете ги во „сечко“ или блендер. Во тавата со пржени јаболка додајте 150 г путер и оставете да се растопи и запржи заедно со јаболката.
Кога и путерот целосно ќе се растопи, додајте една лажичка цимет во прав и продолжете со динстање уште две-три минути на умерена температура.
Во јаболковото пире додајте ги сечканите ореви (треба да бидат што поситно исечкани за да можат да се формираат убави топчиња). Промешајте и изедначете ја смесата. Оставете на страна малку да се олади.
На страна сомелете 500 г посни бисквити, па во нив додајте ја изладената смеса од јаболка и ореви. Промешајте со лажица или шпатула додека сите состојки да се изедначат.
Смесата оставете ја 20-тина минути во фрижидер убаво да се стегне, иако може и веднаш да се формираат топчињата. Црпете со лажица и со помош на дланките формирајте топчиња.
Бомбиците може да бидат со големина на пинг понг топче, со големина на орев или по ваша желба. Оваа смеса убаво се обликува, па можете да ја свиткате во стреч-фолија и да формирате ролат, па да ја сечете на парчиња.
Топчињата валкајте ги во кокос или во нешто друго по ваш избор. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.