Home Посно јадење Посни ќофтиња од ориз во многу вкусен сос од печурки

Посни ќофтиња од ориз во многу вкусен сос од печурки

Посни ќофтиња од ориз во многу вкусен сос од печурки. За да бидат успешни ќофтињата користете ориз со кратко зрно, бидејќи е полепливо од долгнавестите зрна како басмати и јасмин на пример.

Ова јадење можете да го приготвувате и доколку ви останал ориз од претходниот ден. За подобрување на вкусот во ќофтињата можете да додадете малку посен мајонез, лажичка сенф и слично, а наместо брашно да користите скроб. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

За ќофтиња:
1 чаша ориз
1-2 лажици брашно
зачини по вкус
брашно/скроб + лебни трошки за валање

За сос од печурки:
200-300 г шитаке или печурки по избор
60 мл соја сос
60 мл оризово или бело вино
60 г кафеав шеќер (за вкус на териаки) – по желба
зачини по вкус
1-2 лажици скроб/нишесте/густин
120 мл ладна вода
малку рендан ѓумбир – по желба
малку лук во прав

ПОСТАПКА:

1.Исплакнете го оризот во ладна вода и сварете го. Додајте зачини по желба, малку сенф, посен мајонез по желба и брашно или скроб по потреба. Дмесата треба да биде густа, да може да се обликува.

2.Со намастени раце обликувајте ги ќофтињата и валајте ги во мешавина од брашно и лебни трошки. Пржете ги во умерено загреано масло додека да заруменат од двете страни или испечете ги во рерна:

3.За во рерна, ќофтињата редете ги врз намастена хартија и печете ги на 180-200 степени додека да заруменат. По потреба пред крајот превртете ги и од другата страна за да се испечат рамномерно.

4.На малку масло пропржете ситно сечкано лукче и печурките додека малку да заруменат.

5.Разматете го скробот во малку вода, а во остатокот вода додајте ги сите останати состојки. Варете на оган додека малку да згусне и по потреба додајте уште малку вода.

6.Додајте ги печурките и динстајте ги во сосот кратко време. Зачинете по вкус и прелијте ги печените ќофтиња.