Потребни состојки: 400 г брашно (300 бело + 100 интегрално) + за поросување и месење, 50 мл маслиново масло + за премачкување, ½ лажичка шеќер, 20 г свеж квасец или 1 кесичка сув квасец, 200 мл вода (50 мл обична + 150 мл газирана)
За фил: 3 главици кромид, 2-3 чешниња лук (или во прав), по желба. По потреба масло за динстање, 200 г сечкани ореви (150 г + 50 г), сол, црн пипер, црвен пипер, по вкус
Постапка: на малку масло пропржете го сечканиот кромид, па додадете и сечкано лукче и посолете по вкус. Готовиот кромид тргнете го на страна, додајте 150 г сечкани ореви, зачинете со црн и црвен пипер. Преостанатиот орев тргнете го на страна.
Во 50 мл млака вода растопете го квасецот и шеќерот, па оставете да запени. Во сад за мешање ставете брашно (ако најдете најубава комбинација е со интегрална спелта), посолете по вкус, додајте масло и активираниот квасец, па со додавање на кисела вода замесете тесто.
Оставете да отстои околу 15-тина минути, а потоа премесете го и поделете го на три дела. Првиот дел од тестото развлечете го со оклагија, премачкајте ја целата површина со масло и наросете со половина од преостанатите сечкани ореви (25 г).
Развлечете го вториот дел од тестото, префрлете го преку првото, па и него премачкајте го со масло и наросете со ореви. Развлечете го и третиот дел, префрлете го преку вториот, па сето убаво премесете и формирајте валјак. Поделете го на три дела.
Тркалезна тепсија (26/28 см) намастете ја со масло и наросете со брашно. Со оклагија развлечете го првиот дел од тестото со величина на плехот, па внимателно пренесете го во плехот и врз него распоредете половина од филот со кромид и ореви. Прекријте со втора кора, па преку неа наредете го вториот дел од филот.
На крај, сето прекријте го со третиот дел од тестото, спојте ги ивиците и одозгора погачата премачкајте ја со масло. Печете ја во загреана рерна на 200 степени околу 45-50 степени. Испечената топла погача веднаш по вадењето повторно премачкајте ја со масло.
Погачата малку нека излади, па сечете ја на убави парчиња и послужете. Се јаде истиот ден кога ќе се направи, многу е вкусна, но за следниот ден веќе станува малку сува. Можете да ја приготвите и како сеченица, но наместо фил од сирење, ставете го филот од лук и ореви, превкусна е.
Посна погача која е мека како памук – ја правам секоја недела / Фотографија и рецепт на Марика Стаменковиќ. Оваа посна погача е мека како памук. Почнав да ја правам за Велигден, а сега ми ја бараат секоја недела.
Потребни состојки: 700 г брашно, 2 лажички сол, 1 лажиче шеќер, 2 лажици масло, 1 коцка свеж квасец и се замесува со млака вода
Постапка: од вкупната количина брашно се одвојува малку, се додава во сад со издробен свеж квасец и лажиче шеќер. Се додава малку малку вода и се меша додека да се растопат квасецот и шеќерот, па се остава 10-тина минути тој да запени и да се активира.
Откако квасецот ќе ферментира, додајте го во преостанатото брашно, заедно со две лажици масло и две лажички сол, па постепено се додава млака вода и се меси додека да се добие мазно тесто. Тестото се остава на топло за да се удвои, а потоа се развлекува со оклагија во кора.
Се сечат ленти, а секоја лента се витка. Се сече на исти парчиња и според величината на тепсијата се редат хоризонтално, во два реда. Во средината се редат исправено, како ружички.
Вака формираната погача се премачкува со јајце и се наросува со сусам, па се пече во загреана рерна на 220 степени додека да зарумени. За посни слави се украсува по желба со фигури направени од брашно, квасец и вода, и се премачкува со маргарин. / Фотографија и рецепт на Марика Стаменковиќ
Да ја сочуваме традицијата – пита на традиционален начин, позната како “сеченица”
I РЕЦЕПТ – Да ја сочуваме традицијата – пита на старински, традиционален начин, позната како сеченица. Сеченица е стара македонска пита која се развлекува, па се сече и затоа добила име “сеченица”. Тестото е многу убаво за работење, а кога ќе се испече- вистинско задоволство! Филот е по ваш избор, може со блитва, сирење, џимиринки…
Потребни состојки: 800 г брашно, 40 г свеж квасец, 3 лажици шеќер, 1 лажица сол, 100 мл масло и околу 400 мл вода.
За фил: 1 кг блитва, 1 кромид, 200 г кајмак, 3 јајца, масло, околу 150 мл масло за прскање на корите. Ако питата ја правите со сирење, ќе ви биде потребно околу 200-300 г ситно сирење.
Постапка: Филот пригответе го на следниот начин – Блитвата се мие убаво и се сечка ситно. Потоа, на масло прво се пропржува ситно сечкан кромид, па потоа и блитвата колку да свене. Се трга од рингла и се остава да излади. Потоа се додава кајмакот и јајцата и убаво се промешува и посолува по вкус. Филот се дели на 4 еднакви делови. Замесете убаво тесто да биде како за леб.
Оставете го да стасува додека да ја удвои величината. Потоа ставете го на набрашнета работна површина, формирајте го како векна и поделете го на 10 топчиња. Секое топче со оклагија развлечете го во кравајче со величина од десертна чинија. Земете четири кравајчиња и наредете ги едно врз друго, намастени помеѓу со масло, освен последното, најгорното.
Потоа од овој куп развлечете кора и ставете ја во намастена тепсија бр.36. Врз кората наросете масло. Развлечете кора од 5-то кравајче, но малку поголема од тепсијата. Навиткајте ја на оклагијата и брановидно ставете ја во тепсијата (со движења лево-десно за да се направат набори).
Ставете го рамномерно првиот дел од филот и малку наросете масло. Секое кравајче тенко го развлекуваме, го ставаме во тепсијата, редиме фил и наросуваме масло. После 8-то кравајче го ставаме последниот дел од филот, па ни остануваат уште две кравајчиња.
И нив ги развлекуваме во кори, ја ставаме 9. кора, наросуваме малку масло и на крај ја ставаме последната кора. Питата ја сечеме со секач за пица во коцки, до дното на тепсијата. Ако има потреба, со силиконска шпатула ги потискаме сите кори околу тепсијата за да биде рамномерна.
Одозгора се наросува со масло и се остава 20-тина минути на топло за да стасува. Потоа се става да се пече во загреана рерна на 200 степени. Кога ќе започне убаво да заруменува, се вади од рерна и се напрскува со малку вода и масло, па повторно се враќа во рерна (ова го правам некаде после половина час печење).
Пред крај се вади уште еднаш и повторно се прска со вода и масло, па се враќа во рерна, но овојпат се исклучува рерната. Се остава уште некоја минута, па се вади. Јас не ја покривам со ништо, сама се лади и убаво омекнува. Вкусна и мека останува и следниот ден.
II РЕЦЕПТ – Лисната погача со сирење (Сеченица) која брзо се разграбува – сите ја сакаат поради посебниот вкус и мирис. Лисната погача со сирење прва се разграбува од масата зошто сите ја сакаат поради посебниот вкус, мирис и мекост. Рецепт и видео презентација на “Да готвите лесно”.
Потребни состојки: 550-600 г брашно, 200 мл млака вода, 20 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 5 лажици масло (50 мл), 2 јајца, 1 полна лажичка сол (зависи од сирењето, по вкус), 100 г маргарин, 250 г тврдо сирење, јогурт за премачкување и сусам за наросување.
Постапка: Во подлабок сад ставете 200 мл млака вода, 20 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер и малку брашно. Промешајте за да се соединат состојките, па оставете на топло 10-тина минути за да се активира квасецот. Во активираниот квасец додадете две јајца, 50 мл масло, 1 лажичка сол или во зависност од сирењето (ако не е доволно, додадете уште половина лажичка сол).
Промешајте додека да се изедначат состојките, а потоа постепено започнете со додавање на 550-600 г брашно. На почетокот мешајте со лажица, а потоа замесете го тесто со рака додека престане да се лепи. Замесеното тесто оставете го покриено да одмори 10-15 минути.
Растопете 100 г маргарин, а 250 г тврдо сирење издробете го ситно. После 10-15 минути тестото поделете го на 10-12 топчиња. Секое топче развлечете го во кора со величина на чинија, намастете ја со растопениот путер и наросете ја со сирење. Врз неа ставете нова кора и повторете ја постапката.
Секојпат кога ја додавате новата кора малку притиснете ги краевите, а потоа и целата погача. На тој начин погачата малку ја развлекувате. Последната кора не ја премачкувате. Намастете со маргарин тепсија бр.32-34 па префрлете ја погачата во неа и уште малку развлечете ја со тапкање со помош на дланките.
Исечете ја на коцки или триаголници. Покријте ја и оставете ја да одмори 15 минути. Потоа премачкајте ја со јогурт и одозгора наросете ја со сусам. Печете ја околу половина час во загреана рерна на 200 степени додека убаво да зарумени. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.