Погачата е превкусна, мека е како памук. Можете да ја правите усу-кана или обична варијанта.

Потребни состојки: 20 г свеж квасец или 5 г сув, 1 лажица шеќер, 1 лажица сол, 50 мл масло + 1 лажица, 600 г брашно, 200 мл млака вода, сусам за наросување и 100-125 г посен маргарин за премачкување

Постапка: Во млаката вода додадете квасец и шеќер, па промешајте за да се раствори. Потоа додадете половина од брашното, па маслото и добро со лажица промешајте, да нема грутчиња.

Потоа додадете го остатокот од брашното и солта, па мешајте со лажица и на крај нежно со рака замесете го. Тестото прелијте го 1-2 лажици масло, премачкајте го целото и оставете го да стасува околу 45 минути.

Стасаното тесто малку премесете го (што значи малку: истресете го на подлога наросена со брашно, па краевите од тестото префлете ги кон средината).

Поделете го на 4 еднакви делови и направете топчиња (скинете едно мало парче со величина на рафаело топче и оставете го на страна). Оставете ги да одморат 5 минути, па земете го првото топче, па со прстите развлечете го во круг од околу 25 см.

Растопете го маргаринот, да не е врел туку мек и премачкајте го кругот. Истото направете го со уште две теста и наредете ги едно врз друго. Четвртото не треба да се премачкува, само се става најодозгора.

Тепсија 30 см намастете ја со маргарин и во неа пренесете го нареденото тесто. Со остар нож засечете ја кората на 8 еднакви делови на некои 3 см од средината па до крајот (ставете на средината некоја чаша или шолја).

Потоа секоја од тие осум делови засечете го накосо при ивиците (види фото). Сега секој врв привлечете го низ засечениот дел (погледни фотографија).

При сечењето и провлекувањето, нека ножот и прстите бидат наросени со брашно. Кога сè ќе извртите, тогаш повторете го засекувањето по веќе исечените ивици на тие триаголници, бидејќи тестото стасува и ќе почне да се спојува.

Потоа по средината на секој триаголник засечете црта и провлечете го тој мал завиен дел. Од топчето што го оставивате на страна, развлечете го и свиткајте го како цветче, па забодете го на средина.

На крај целата погача премачкајте ја со растопен маргарин (да не е врел) и наросете го сусам и крупна морска сол. Оставете да стасува 10 минути па вклучете ја рерната на 200 степени.

Печете ја погачата околу 30 минути на решетката која пониско од средината, но да не биде скроз долу, приближно на висина од 1/3 од рерната. Печете околу 25 минути, во зависност од вашата рерна.

На крај, кога погачата е печена, повторно премачкајте ја во тенок слој со растопен маргарин и оставете ја 5 минути. Потоа префрлете ја на чинија за послужување.

Оваа погача не мора вака да се витка, ова е за свечени пригоди, доволно е да се наредат 4-те теста, да се исечат 8 триаголници и потоа секој да се засече на средината, па да се провлечат долните делови низ средината. Или пак, целата погача да се исече на коцки или по ваша желба.

Coolinarika.com