Ова е еден од оние колачи кои ве освојува со првиот залак. Кога ќе го гризнете тој е толку многу сочен, вкусен и мирисен, што не можете да му одолеете и веднаш посегнувате по уште едно парче. Пита-баклавата со јаболка и готови кори е еден од омилените колачи во регионот, па не пропуштајте го да го направите. Еве што ви е потребно:

рецепт 1




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г котови кори за баклава, 2 кг јаболка, 400 г шеќер, 100 мл масло, 1/2 лимон. За шербет: 600 г шеќер, 600 мл вода, 1/2 лимон

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г готови кори за баклава, 7-8 јаболка со средна големина, 10 големи лажици шеќер за јаболката, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), по желба цимет за јаболката, 3 големи лажици лебни трошки (презла), неколку капки арома од ванила и бадем, 150 г грубо мелени лешници и ореви, 150 г ситно мелени лешници и ореви и 250 г путер. За шербет: 1 лимон исечен на кругови, 600 г шеќер и 1 литар вода.




ПОСТАПКА за рецепт 1: јаболката измијте ги, исчитете ги и изрендајте ги на крупно ренде, па посипете ги со сок од половина лимон за да не потемнуваат. Потоа во јаболката сипете 400 г шеќер (2 чаши), па ставете ги на рингла, на умерена температура, и гответе ги додека да омекнат. Потоа тргнете ги настрана и оставете ги да се ладат.




Додека се ладат јаболката, во меѓувреме пригответе го шербетот. Во тенџере ставете 600 г шеќер, 600 мл вода и сок од половина исцеден лимон. Од моментот на зовривање, шербетот варете го 7-8 минути, а потоа тргнете го настрана да се лади.




Во оладените јаболка додајте 50-100 мл масло за готвење и промешајте. По желба, може да додадете мелени ореви, лебни трошки, цимет, ванилин шеќер и слично. Отворете ги корите врз работна површина и врз нив поставете тепсија (38 см), па исечете ги според нејзиниот облик и големина.




Тепсијата премачкјате ја со малку масло на дното и ѕидовите, па наредете 4 кори, а секоја кора сосем малку премачкјате со масло (не многу, колку да бидат одвоени една од друга). Четвртата кора не ја намастувајте, туку врз неа распоредете фил од јаболка. Потоа редете кора, фил и сè така додека да се потроши материјалот.




Врз корите не треба да се става масло, зашто во филот веќе се содржи. Некаде во средишниот слој наредете ги отсечените парчиња што останаа при кроењето на корите. На крај наредете ги последните три кори без фил, туку само малку премачкани со масло. Потоа исечете ја баклавата: најпрво исечете праволиниски, а потоа на косо.




Питата ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 150 степени, 60 минути, со повремено проверување. Кога е печена треба да биде румена и да се одвојува од тепсијата.

Печената, топла пита рамномерно залијте ја со оладениот шербет. Покријте ја со алу-фолија и оставете ја да се лади. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Следи постапката за вториот рецепт:

ПОСТАПКА за рецепт 2: Прво измешајте ги оревите и лешниците, па одвојте половина за да ги сомелете покрупно и другата половина поситно. Путерот растопете го. Јаболката убаво измијте ги и изрендајте ги, измешајте ги со лебните трошки (презла), цимет, ванила и шеќер.

Во тепсија (32х22 см) ставете хартија за печење и премачкајте ја со растопен путер. Започнете со редење на корите: прво ставете една кора, премачкајте ја со путер, па ставете втора кора и истото повторете го уште три пати. Наредете вкупно 5 кори премачкани со растопен путер.

Врз корите ставете малку од смесата со ореви и лешници и малку од смесата со јаболка. Рамномерно распоредете. Потоа ставете две кори и малку притиснете ги со рака за да добиете рамна површина. Премачкајте ги со путер, па повторно наредете фил.

На овој начин редете додека да ви се потроши материјалот. Последните 5 кори се редат исто како на почетокот, без фил. Наредената баклава се сече во облик на ромбови, добро се премачкува со растопен путер и се пече во претходно загреана рерна на 150 степени.

Се пече додека да добие убава бакарна боја. Печената баклава се прелива со шербет кој претходно сме го свариле и изладиле. За шербет: Водата, лимонот исечен на тркалца и шеќерот варете ги додека да добиете густ сируп.

Врз прелиената баклава ставете алу-фолија. Изладете неколку часови пред консумација. Најдобро е да се направи баклавата еден ден претходно и да ја оставите да се лади во фрижидер преку цела ноќ. Рецепт на Ариана.