Ова е една од моите омилени торти, бидејќи освен што е многу вкусна, многу брзо и лесно се приготвува. Никогаш не ми здодеало да ја правам, зашто навистина за миг е готова, а вкусот е неодолив. Гостите секогаш се воодушевени и си мислат дека тортата сум ја купила од некоја слаткарница. Се приготвува од состојки кои секогаш ги имаме во кујна и малку нескафе. Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г шеќер, 100 г посен маргарин, 100 мл вода, 1 кесичка нескафе 2 г, 300 г меко брашно тип 400, 1/2 кесичка прашок за печиво (5 г). За фил: 700 мл вода или растително млеко, 200 г шеќер, 4 кесички нескафе, 7 полни супени лажици густин/нишесте/скроб, 250 г посен маргарин, 300-350 г посен шлаг, газирана вода по потреба, 1-2 раце сечкано суво овошје (суво грозје) по желба или јаткасти плодови




ПОСТАПКА за приготвување на 3 бисквитни кори со пречник 24 см: на почетокот исечете три листа хартија за печење со пречник 24 см, според калапот. Во помал сад со 100 мл вода сипете ја содржината од една кесичка нес кафе и промешајте со лажичка за да се раствори. Оставете го настрана до употреба.




Во подлабок сад измерете го и просејте го брашното, па промешајте го со половина кесичка прашок за печиво (5-6 г). Посниот маргарин кој претходно омекнал на собна температура најпрво испасирајте го малку со виљушка за да се отпушти, а потоа пенасто изматете го со миксер.




Потоа додајте го шеќерот и продолжете со матење додека тој започне малку да се растопува, а маргаринот да добие кремаста структура. Додајте го раствореното нескафе и сосем малку брашно за да може путерот да се измати со миксер и да се соедини со нескафето.




Брашното додавајте го малку по малку, а можете да матите со миксер на помала брзина или со кујнска жица маталка. Кога состојките ќе се соединат и ќе добиете изедначена смеса, одокативно поделете ја три еднакви дела, за три кори (можете директно да ја поделите смесата врз трите листови хартија).




Хартијата за печење ставете ја врз превртен калап или тепсија и рамномерно распоредете една третина од тестото. За полесно израмнување на смесата користете лажичка која ќе ја натопувате во ладна вода. Вака постапете со три кори и печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, 10-тина минути, една по друга.

Печените кори оставете ги да се ладат додека го приготвувате филот. Оладените кори се тврди и тенки, внимавајте да не ги скршите, но кога ќе се филуваат и отстојат во фрижидер, многу убаво омекнуваат.




Од 700 мл вода или растително млеко одвојте 100-тина мл во помал сад, а остатокот ставете го во тенџере на оган и додајте го шеќерот (200 г), како и нес кафето (4 кесички од по 2 г). Во оние 100 мл вода/млеко растворете го густинот и добро промешајте за да нема грутчиња. Штом проврие содржината во тенџерето намалете ја температурата и додајте го разматениот густин.




Варете го кремот со непрекинато мешање додека да ја постигнете посакуваната густина. Сварениот крем претурете го во посебен сад и оставете да се олади со повремено промешување за да не фати коричка. Посниот шлаг изматете го со газирана вода. Омекнатиот путер пенасто изматете го, па постепено соединете го со оладениот крем.

Филот можете да го оставите каков што е или пак, во него да додадете мелен лешник/орев или ситно сечкано суво овошје/брусница или суво грозје. ФИЛУВАЊЕ: кора, фил, шлаг, кора, фил, шлаг, кора, фил, шлаг и декорација по свој вкус. Деталите погледнете ги ОВДЕ.