Мусаката е старо македонско јадење кое многу често се прави како ручек, но се послужува и како предјадење на слави и други прослави. Во продолжение може да прочитате 2 рецепти, едниот е посен, а во вториот се ставаат месо и пиперки, па кој ви се допаѓа повеќе, запишете си го.
Вториот рецепт може да се прилагоди да биде посен, ако се изостави месото. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 600 г компири, 2 главици кромид, 4-5 црвени пиперки, 150 мл сос од домати, 150 г сојни снегулки (месо), како и сол, вегета, црн пипер, маслиново масло.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 2 помали главици кромид, 400 г јунешко месо, 20 похувани пиперки, половина чашка павлака, 2 јајца, малку млеко, сол, црн пипер, црвен сладок пипер, вегета, магдонос (може сув или свеж).
ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Компирите излупете ги и измијте ги неколку пати под млаз вода. Исто така, може да ги оставите и 1 час да се „киснат“ во вода. Потоа, добро исушете ги и исечете ги на тенки листови. Во меѓувреме, сојните снегулки потопете ги во вода (тоа може да го направите и претходно неколку часа).
Кромидот исечкајте го на ситни коцки, па запржете го во тавче со малку масло. Динстајте го на умерена температура со повремено промешување додека почне да омекнува. Пиперките (кои јас ги искористив од зимницата, а може да користите и свежа пиперка) исечкајте ги на ситни парчиња, да ви бидат спремни за подоцна.
Доматниот сос додајте го во испржениот кромид и промешајте, па оставете смесата уште да крчка. Кога кромидот ќе се испржи до половина, се додаваат пиперките и се продолжува уште малку со готвење.
Потоа додајте ги исцедените соини снегулки, измешајте, па додајте зачини по ваш вкус. Посолете со сол, црвена зачинска пиперка, црн пипер, вегета… Измешајте ги состојките и соединете ја целата смеса. После додавање на соините снегулки, смесата се пржи уште 4-5 минути, додека и зачините се измешаат.
Во меѓувреме, во огноотпорен сад, намастете со малку масло, па одозгора наредете еден ред со листовите компир кои првично ги исековте. Потоа излејте ја целата смеса која ја пржевте, па на крајот завршете со уште еден ред компири.
Ако сакате целата мусака да изгледа поинтересно, може смесата да ја поделите на повеќе делови и да редите, ред смеса, ред компири… но може и сè заедно, како што направив јас. Мусаката одозгора прелијте ја со вода бидејќи е посна (да се прелие и горниот слој компир).
Во 2-3 лажици масло измешајте црвена зачинска пиперка или чили и излејте преку мусаката, за да фати убава коричка. Мусаката печете ја во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 30 минути.
ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Мене веќе пиперките ми се похувани сите веќе знаеме како се похуваат. Важно е да се тенко исечени, јас имам околу 20-тина пиперки, но може да правите и помалку редови од мусаката, не мора цел рид како мене..
Кромидот се сечка ситно на коцки и се става да се пропржи во малку масло. Кога ќе почне да омекнува пред да карамелизира додајте го меленото месо, јас користам јунешко. Зачинете со 1 лажичка црвен сладок пипер, 1 лажичка вегета, малку сол и црн пипер.
Промешајте и почекајте месото да посиви, тогаш значи дека е готово. Исто така во него додајте и малку магдонос сув, а ако немате може и свеж но да биде ситно сечкан. Кога месото ќе се испржи во еден огноотпорен сад почнете да ги редите пиперките.
Јас ставам по 2 реда од 3 пиперки една до друга и потоа малку од филот со мелено месо. Потоа повторно пиперки, па мелено месо и сè така додека да го потрошите материјалот. Веројатно ќе добиете 3 реда од пиперки.
Одозгора се залива со прелив кој се прави на следниов начин: половина чаша павлака се меша со 2 јајца, се додава малку млеко за да се разреди смесата и се посолува по вкус. Оваа смеса се прелива одозгора и се става на печење. Одозгора може да изрендате и малку моцарела или некој друг кашкавал.
Печете во претходно загреана рерна на 200 степени, 30-тина минути. Потоа сечете коцки и послужете. Мене ми е повкусна дури и од онаа со компири. Деталите од првиот рецепт можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а од вториот ОВДЕ.