Фото и рецепт на Габриела Миленкоска – посна гриз алва.

Рецептот за ова вкусно, а посно слатко задоволство наречено “гриз алва” ни го претстави нашата драга членка во групата НМД рецепти.

Гриз алвата е традиционална “свадбарска слатка” и позната е под името – 4, 3, 2, 1 според количината на состојките од кои се приготвува. Според стариот рецепт се користи една иста чаша како мерка, па во 1 чаша масло се пропржуваат 2 чаши гриз, а на страна се вари сируп од 3 чаши шеќер и 4 чаши вода.

Кога гризот ќе зарумени (со постојано мешање), се трга садот малку на страна и внимателно се истура сирупот со постојано мешање.

Во овој момент или поклопете една минута додека да се смири смесата за да не ве испрска, или мешајте доста енергично и брзо додека да згусне. Кога ќе започне да се одвојува од ѕидовите на садот, тогаш е готово. А сега да го проследиме убавиот рецепт на Габриела.

Потребни состојки:

250 г гриз
½ филџанче (за кафе) масло
500 мл вода
250 г шеќер
посно чоколадо за глазура + шарени трошки за декорација

Постапка:

Во тенџере на умерен оган пропржете 250 г гриз со половина филџанче масло додека убаво да зарумени. На страна пригответе го шербетот од 500 мл вода и 250 г шеќер. Кога е готов шербетот (откако ќе зоврие да врие уште 3-4 минути да се растопи целосно шеќерот), постепено додадете го во пржениот гриз. Мешајте постојано додека да згусне.

По желба можете да го црпите со лажица и да го редите во чинија за послужување или во силиконски калапчиња. Јас смесата ја излеав во калап, а потоа ја прелив со растопено посно чоколадо. Откако ќе излади алвата може да ја сечете на коцки, баклави или штангли, по желба.

Фото и рецепт на Габриела Миленкоска – посна гриз алва.