Вкусна и здрава пилешка чорбичка, која сите ја сакаат. Идеалната работа кај чорбите е тоа што следниот ден се уште повкусни.
Процесот на подготовка можете малку да го забрзате доколку наместо сечкање на свеж компир и морков, користите смрзната мешавина од зеленчук за Руска салата.
Потребни состојки: 500 г бело месо, 1 главица кромид, 1 морков, ½ пашканат, 2 компири, 250 г грашок, 2-3 лажички сол или по вкус, масло, црн пипер, сув зачин, 1,5 топла вода, 1 јајце, 3 лажици кисела павлака, 1 лажичка сенф, 1 лажица брашно и магдонос по вкус
Постапка: Кромидот ситно исечкајте го, морковот и пашканатот исечкајте ги на тркалца, а компирот на коцки. Белото месо, исто така исечкајте на коцки.
Во поголемо тенџере на малку загреано масло запржете го сечканиот кромид и посолете. Додадете ги морковот и пашканат, па пржете уште некоја минута, па додадете го месото.
Зачинете со сув зачин и продинстајте го месото со зеленчукот додека да се запржи. Мешајте постојано за да не загори. Намалете го огнот, поклопете и динстајте уште 5 минути за да омекне. Потоа додадете ги компирите и промешајте, 250 г грашок и повторно поклопете и оставете да се динста 5 минути.
Во тенџерето додадете 1,5 литар топла вода и промешајте. Оставете да крчка со полуотворен капак, но бидете покрај тенџерето зошто набрзо ќе започне да се создава пена која треба да се тргне.
Откако ќе ја отстраните пената, гответе уште 40 минути на умерено-тивок оган со полуотворен капак.
На страна изматете едно јајце со виљушка, па додадете 3 лажици кисела павлака, 1 лажичка сенф и 1 лажица брашно. Промешајте убаво за да се изедначи.
Во смесата со јајцето додадете 1-2 кутлачи од течноста на чорбата и промешајте. На овој начин полека ќе се загрее смесата и нема да се свари во грутки, што би се случило доколку веднаш ја истурите во врелата течност. Вака разредената смеса полека додадете ја во чорбата и промешајте.
На крај додадете сол и црн пипер по ваш вкус. Зачинете со сечкан свеж магдонос по вкус. Постапката можете да ја погледнете во видеото: