Рецепт и видео презентација на “Да готвиме лесно”. Роалт од компир, кикирики…Посно. денес приготвуваме посен ролат со компир, кикирики крекери… Вкусот е ненормално добар, а приготвувањето нема да ви одземе многу време.
Напомена: Ве молам да обратите внимание кога купувате посни крекери. Читајќи го составот на едни крекери забележав дека пишува “може да содржи трагови од млеко”. Не пишува дека содржи, туку дека би можело да содржи во траги. Ова е особено важно за оние што се алергични на лактоза.
Потребни состојки за кора: 500 г компир, сол по вкус, 80 г путер или маргарин, 100 мл посен мајонез, 100 г печени, несолени кикирики, 100 г посни крекери, оригано.
За фил: 250 г растително сирење, 100 мл посен мајонез, 50 г сусам, кисели краставички од тегла, кисели моркови од туршија и уште малку мелени кикирики за наросување одозгора.
Постапка: Компирите добро измијте ги под млаз ладна вода, па ставете ги во тенџере со вода во која сте додале една лажичка сол. Варете ги додека да омекнат, а потоа исплакнете ги повторно со ладна вода, па излупете ги.
Можете и веднаш да ги излупите, да ги исечете покрупно, па на истиот начин да си сварите, како ви е полесно, така направете. Откако ќе ги ставите компирите да се варат, започнете со подготовката на кората: 100 г печени и несолени кикирики сомелете ги.
Исто така, сомелете и 100 г посни крекери. Пригответе го филот: Посното сирење со помош на виљушка испасирајте го. Потоа додадете му 100 г посен мајонез и изматете со електричен миксер за да се соединат и да добиете кремаста смеса.
Потоа додадете 50 г истостиран сусам (потпечен неколку минути во сува тава со постојано мешање додека малку да пожолти и убаво да замириса, а потоа оставен да излади), 1 ситно сечкан кисел морков од туршија и три ситно сечкани кисели краставички.
Добро промешајте за да ја изедначите смесата. Варениот компир испасирајте го со виљушка додека сè уште е топол и веднаш додадете му 80 г путер (1/3 од коцката) исечкан на тенки листови за да може да се растопи од топлината и да се впие во компирот.
Во компир-пирето додадете и 100 мл посен мајонез. промешајте убаво за да се соедини во мазна кремаста структура. Во оваа смеса додадете 100 г мелени кикирики и 100 г мелени крекери. За подобрување на вкусот додадете една лажичка оригано која совршено одговара со оваа смеса.
Од приготвената смеса развлечете кора со димензии 40х25 см или две помали по 20х25 см. Ова најдобро се прави на проѕирна фолија. Истресете ја смесата врз парче проѕирна фолија, па со дланките и прстите формирајте ја кората.
Врз кората рамномерно распоредете го приготвениот фил од растително сирење со сусам, кисели краставички и морков, па израмнете. Со помош на фолијата започнете да го виткате ролатот од подолгата страна. Поткревајте ја фолијата а со прстите израмнувајте.
Ролатот одозгора наросете го и обложете го со мелени кикирики и уште малку обликувајте го рацете. Свиткајте го во фолијата и оставете го во фрижидер за да се стегне. Потоа сечете го и послужете го. деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.