Добар ден драги мои домаќини и домаќинки. Ова е еден многу вкусен посен ролат од ореви и посни бисквити. Многу брзо се приготвува, бидејќи нема печење, а ве уверувам дека уште побрзо се јаде, па после првото испробување, следниот пат ќе го правите во двојна количина.
Ова е мојот омилен ролат, бидејќи навистина има фантастичен вкус. Сè е готово за 5-10 минути, а потоа единствено треба да почекате ролатот да се стегне во фрижидер. Рецептот е на Бојана, а еве што е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер, 150 мл вода, 300 г мелени ореви, 100 г посен мелен кекс, 2 лажици какао во прав. ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете ја водата, додајте го шеќерот и ванилин шеќерот.
Од моментот на зовривање намалете на умерена температура, промешајте за да се растопи убаво шеќерот и варете го сирупот три до четири минути. Потоа тргнете го тенџерето од рингла и веднаш во врелиот сируп додајте ги мелените ореви.
Промешајте и додајте ги мелените кекси. Убаво измашајте ја смесата додека да стане убаво изедначена и хомогена, па поделете ја на два еднакви делови. Во едниот дел додајте две лажици какао во прав и промешајте додека целата смеса да стане кафеава.
Многу е важно сето ова да го направите додека смесата сè уште е топла. Бидејќи смесата е малку сува, со конзистенција на влажен песок, најдобро се соединува со какаото доколку ја измесите со рака.
Оваа кафеава смеса рамномерно распоредете ја во парче хартија за печење / проѕирна фолија и формирајте кора со дебелина од 3 мм. Врз смесата поставете уште едно парче хартија и со помош на оклагија развлечете ја кората. Смесата иако е ронлива, сепак лесно се обликува, па со прстите одземете од неправилните делови и формирате кора со правоаголна форма.
Темната кора тргнете ја на страна, па на ист начин развлечете ја и белата кора. Оваа кора поставете ја врз темниот дел, израмнете и притиснете за да добиете кора со еднаква дебелина подеднакво на сите страни. Внимателно свиткајте го ролатот со помош на хартијата.
Вака формираниот и добро стегнат ролат, оставете го во фрижидер да се лади најмалку еден или два часа, а потоа извадете го и сечете го на парчиња. Пробајте го овој колач, ќе бидете воодушевени од вкусот. Деталите од неговата постапка можете да ги погледнете во видео презентацијата на Бојана ОВДЕ.