Еден од најубавите посни колачи со ореви е токму оној кој се замесува со пиво. Сите состојки заедно се мешаат во една смеса која потоа се излева во калапот и се пече. Многу брзо и едноставно, можат и почетници да го направат, а не одзема ниту многу време.

рецепт 1




За Свети Никола не мора да правите мноштво различни ситни посни колачи, доволно е да го направите овој колач (во доволна количина) и сите ќе бидат задоволни и воодушевени. Има неодолив вкус, па сигурни сме дека ќе го правите и кога не се пости. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша брашно, 100 г мелени ореви, 250 мл пиво, 50 мл маслиново и обично масло, 1 кесичка прашок за печиво, 100 г шеќер, 1 лажица шеќер во прав, 50 г сечкани урми, малку рендана кора од портокал, 1 чаша смрзнато бобесто овошје по желба, малку џем + сечкани ореви за декорација

рецепт 2

РЕЦЕПТ 2 – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 мл свежо исцеден сок од портокал, 4 супени лажици домашен џем од шипки (или по ваш избор), 120 г шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 2 портокали – рендана кора, 180 г печени мелени ореви, 100 г остро брашно, 2 лажици темно чоколадо, 1 кесичка прашок за печиво и 100 мл масло

ЗА ФИЛ: 100 г посно чоколадо, 2-3 лажици домашен џем од шипки + малку за премачкување на кората (или џем каков имате), 120 г посни мелени бисквити, 1 кесичка ванилин шеќер, 150 мл свежо цеден сок од портокал. За наросување: 50 г сечкани ореви




ПОСТАПКА за рецепт 1: Во подлабок сад помешајте го пивото со шеќерот и мешајте додека тој да се растопи. Потоа додајте го брашното помешано со прашокот за печиво, маслото, ренданата кора и сечканите урми помешани со шеќер во прав за да не се лепат, како и смрзнатото овошје по ваша желба.




Измешајте ги сите состојки, па смесата излејте ја во плех/калап со средна величина или помал, обложен со хартија за печење. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени приближно 35 минути.

Врелиот колач премачкјате го со малку џем и одозгора наросете сечкани ореви. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Еве ја постапката и за вториот рецепт, кој иако е посен и едноставен, можете да го послужите дури и како свечена торта:




ПОСТАПКА за рецепт 2: Изрендајте ја кората од два портокали, па исцедете го сокот. Треба да добиете вкупно 500 мл сок (мене ми беа потребни 4 средни доста сочни портокали, а може да користите и купечки сок). 180 г од оревите сомелете, а остатокот исечкајте го за наросување на тортата.




Во еден подлабок сад измешајте 350 мл сок од портокали со џем од шипки (или некој друг со средна густина), додајте шеќер и ванилин шеќер, рендана кора од портокал, мелени ореви и просеани прашкасти состојки. Убаво промешајте и соединете до изедначување, а на крај додајте го маслото.




Смесата излејте ја во плех со димензии 30х20 см или приближна величина, претходно обложен со хартија и печете во загреана рерна на 160 степени приближно 25-30 минути (кај посилен шпорет, а кај послабите зголемете ја температурата на 180 степени или прилагодете кон вашата рерна). Печениот колач извадете го да се олади. Останува сочен и мек. Пригответе го филот:




За фил: на тивок оган растопете го чоколадото помешано со џем. Во посебен сад добро измешајте ги мелените бисквити заедно со сокот и ванилиниот шеќер. Потоа натопените кекси додајте ги во претходната смеса и убаво промешајте за да се соединат сите состојки а смесата да се изедначи.




Филот рамномерно распоредете го врз колачот и одозгора наросете сечкани ореви. Колачот исечете го на коцки или штангли по желба. Може да се послужи топол или ладен, а со соодветна декорација може да се послужи дури и како свечена торта. целиот е кремаст, сочен, мек и неодоливо вкусен.