Вака се прави медениот познат колач кој го правеа порано нашите баби и мајки за време на посните денови. Убаватa нота на медот го прави посебен, а уште подобро е тоа што е сочен и излегува доволно голем, како кула.

Ако сакате убав десерт за посните фамилијарни ручеци, не пропуштајте да го направите овој колач. Не одзема многу време, а постапката е многу едноставна. Еве што ви е потребно за да го направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРА: 200 мл вода, 1 кесичка ванилин шеќер, 200 г кристал шеќер, 50 мл масло, 2 лажици мед, 8 лажици џем од јагоди (или некој друг по ваш избор), 1 лажичка цимет, 1 лажица какао, 2 лажички прашок за печиво, 1 лажичка сода бикарбона, 400 г брашно.




ЗА КРЕМОТ: 1 литар сојно млеко, 1 кесичка ванилин шеќер, 120 г кристал шеќер, 7 лажици брашно, 5 лажици густин, 180 г посен маргарин. ЗА ГЛАЗУРА: рендано посно чоколадо. Во продолжение прочитајте ја постапката:




ПОСТАПКА: Најпрво се подготвува кремот, бидејќи му треба подолго време да се излади. Во едно тенџере сипете го сојното млеко (1 литар). Потоа додајте 1 кесичка ванилин шеќер, па 120 г кристал шеќер, 7 лажици брашно и 5 лажици густин. Измешајте ги состојките и варете на средна температура додека кремот почне да добива на густина.




Кога кремот фино ќе се згусне (како пудинг), тргнете го тенџерето од рингла и оставете целосно да се олади, покриено со проѕирна фолија одозгора. За кората: Во подлабок сад ставете 200 мл вода, на собна температура. Во водата додајте 1 кесичка ванилин шеќер, па потоа и 200 г кристал шеќер. Измешајте фино со лажица или жица за матење.




Потоа, постепено започнете да го додавате маслото (50 мл), па додајте 2 лажици мед. Ставете 8 лажици џем од јагоди или каков и да имате, 1 лажичка цимет, 1 лажица какао, 2 лажички прашок за печиво, 1 лажичка сода бикарбона. Како што ги додавате состојките, непрекинато мешајте ја смесата за да се изедначи.




На крајот постепено започнете да додавате 400 г брашно, додека постојано мешате. Треба да се формира фина и еднолична смеса која ќе биде без грутчиња. Вака подготвената смеса се излева во плех, обложен со хартија за печење (прво едната половина се пече, а потоа и втората половина од смесата).




Измазнете ја смесата, па потоа секоја кора одделно печете ја во претходно загреана рерна на 190 степени, 12 минути. Проверете со чепкалка. Во меѓувреме измиксајте 180 г посен маргарин, па соединете го со кремот кој првично го подготвивте, додавајќи го постепено.




Кога корите ќе ви бидат испечени, поделете ги на половина (напречно или по должина), така што треба да добиете вкупно 4 кори со еднаква големина. Редење на колачот: прва кора, крем, втора кора, крем, трета кора, крем, четврта кора, крем. Значи кремот е потребно да го поделите на 4 еднакви делови за да ви стигне.

Со четвртиот крем се премачкува целата торта. Колачот се става во фрижидер добро да се олади (најдобро преку ноќ), а пред да го послужите може да го декорирате со рендано чоколадо или растопена чоколадна глазура. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.