Сакам да испробувам нови рецепти и за среќа, живееме во време кога тие ни се достапни секогаш и при рака. Некогаш се успешни, а некогаш не излегуваат баш онакви како што сме ги замислиле. Кога ќе најдете некој одличен рецепт како овој, сочувајте си го и запишете го, затоа што е вистински дијамант меѓу морето од рецепти.




Едноставен е и не се разликува премногу од сличните рецепти, но некако сè си е погодено со овие питулици. Некој ми напомна дека се нарекувале „хачапури“, но јас ги имам запишано „полнети питулици“, па така и ги нарекувам. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл топло млеко, 1 мала лажичка шеќер, 1 мала лажичка сув кавсец (1/2 кесичка или 5 г), 1 мала лажичка сол, 330-400 г брашно (се додава постепено и може да варира), 20 мл масло. ЗА ФИЛ: 300 г рендан кашкавал и 1 јајце.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 200 мл млако/топло млеко, додајте една мала лажичка шеќер и една мала лажичка сув квасец. Добро промешајте за да се растворат состојките. Потоа додајте една лажичка сол и започнете постепено да го додавате брашното.




Во оригиналниот рецепт пишуваше дека е потребно 400 г брашно, но најчесто сосем добро излегува со 350 г брашно, што значи дека многу зависи од самото брашно. На почетокот мешајте со лажица, а кога ќе згусне, додајте 20 мл масло и месењето продолжете го со рака.




Треба да добиете не многу меко тесто, ниту премногу тврдо, да биде мазно, еластично е средно меко. Покријте го со проѕирна-стреч фолија и оставете го на топло место да стасува околу половина час или додека да го удвои својот волумен. За тоа време пригответе го филот:




ЗА ФИЛ: Во еден подлабок сад ситно изрендајте 300 г кашкавал, додајте едно јајце и убаво соединете. Стасаното тесто истресете го врз работна површина која не треба да се набрашнува, а тестото не треба да се премесува.




Веднаш поделете го на половина, а секоја половина обликувајте ја во валјак и поделете ја на шест приближно еднакви делови. Секој дел обликувајте го во топче, така што ќе добиете вкупно 12 топчиња. Покријте ги со кеса и оставете ги 10-тина минути да одморат.




Потоа земете едно топче и полека со прстите развлечете го во тенка кора со големина на средна чинија (не ви е потребна оклагија, тестото е еластично), па во средината ставете фил. Затворете ги, притиснете со прстите за да се залепат страните и малку истапкајте го одозгора за да се добие обликот на чамче.




Постапката повторете ја со сите топчиња тесто, а формираните „чамчиња“ покријте ги со кеса или фолија и оставете ги да стасуваат 10-тина минути. Потоа земете едно и со намастени прсти (потопете ги прстите во масло) притиснете ги уште повеќе одозгора за да станат уште потенки, а филот внатре рамномерно да се распореди.




Во широка нелеплива тава загрејте малку масло на умерена температура, па спуштајте ги питулиците по една или две (зависно колку ви собира тавата) и пржете ги по неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат. Регулирајте ја температурата, треба да биде умерена. Пржените питулици редете ги врз хартиена салветка и послужете ги топли.