Рецептот на Ема од Германија набрзо стана омилен на многумина. Овие палачинки се неверојатно вкусни и полни со разновиден зеленчук.

Заситни се, а можете да ги послужите за појадок, вечера, предјадење или како вкусна закуска. Запишете си го рецептот на Ема, па и вие испробајте ги. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СМЕСАТА:

2 јајца,
1,5 лажичка сол,
1 лажица шеќер,
1 лажица сув квасец (1 кесичка),
300 мл топло млеко,
300 мл топла вода,
450 г брашно.

ЗЕЛЕНЧУК:
1 главица кромид,
1 црвена голема пиперка,
1 домат,
2 млади кромитчиња (или праз),
1/2 китка магдонос,
1 компир,
1 рака варена пченка од конзерва и
малку масло за пржење.

ПОСТАПКА:

Во подлабок сад изматете ги јајцата со жица за матење, па додајте ги останатите состојки за смесата (сол, шеќер, млеко, вода и квасец). промешајте додека убаво да се растворат состојките, па започнете постепено да го додавате брашното.

Матете непрекинато додека да добиете изедначена компактна смеса без грутчиња која е погуста од вообичаената смеса за палачинки. Покријте го садот со капак или стреч фолија, па оставете го садот на страна за да се активира квасецот и да запени.

Во меѓувреме подгответе го зеленчукот (доколку немате некоја од состојките, изоставете ја или заменета ја со нешто друго по ваш вкус): убаво измијте ги сите продукти под млаз ладна вода и оставете ги да се исцедат.

Кромидот исчистете го, па ситно исечкајте го на коцкички.

Истото сторете го и со пиперката. Доколку немате една голема пиперка, искористете две помали. Исто така, може да користите и зелена пиперка, но црвената има послатка арома и попогодна е за вакви рецепти.

Ситно исечкајте го доматот, како и младите кромитчиња и свежиот магдонос. Еден поголем компир измијте го, излупете го и изрендајте го. Исцедете го низ прсти и додајте го во мешавината од сечкан зеленчук.

За ова време тестото ќе биде стасано и пенливо од активираниот квасец. Сечканиот зеленчук додајте го во тестото и промешајте додека рамномерно да се изедначи. Смесата е подготвена и можете да ги пржите палачинките.

Загрејте една нелеплива тава за палачинки со малку масло, па истурете околу две кутлачи од смесата.

Распоредете ја смесата и пржете на умерена температура за да може убаво да се испече. По потреба од страните додавајте по малку масло со силиконска четкичка.

Кога ќе зарумени од долната страна, со помош на шпатула внимателно превртете ја палачинката и пржете ја и на другата страна уште неколку минути.

Овие палачинки вкусни се топли, но може да се јадат и ладни. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.