Рецепт на Емилија. Совршенство од колач, мек како сунѓер, сочен и чоколаден, сигурна сум дека кога еднаш ќе го пробате, често ќе го приготвувате, па дури и кога постите. Овој рецепт вреди да си го запишете, а еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша од 200 мл): 1,5 чаша брашно (Т400 меко), 1 чаша шеќер, 1 супена лажица какао во прав, 1 мала лажичка цимет, 1 мала лажичка сода бикарбона, 1 чаша млака вода, 5 лажици џем, 1 супена лажица масло.
ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ НА КОЛАЧОТ: 5 супени лажици џем, 1 рака сечкани опреви. ЗА ГЛАЗУРА: 200 г чоколадо за готвење, 3 лажици масло. Плехот во кој се пече овој колач е со димензии 36х22 см, а може и некој помал калап за повисок колач.
ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад истурете една ипол чаша брашно, па додајте една чаша шеќер, една полна супена лажица какао во прав, една мала лажичка цимет, една мала лажичка сода бикарбона. Промешајте, па додајте ги влажните состојки:
Во сувите состојки додајте една супена лажица масло, 5 до врв полни супени лажици џем и 1 чаша млака вода. Со лажица или шпатула измешајте ги состојките убаво, додека целата смеса се изедначи и стане хомогена.
Смесата за колачот оставете ја настрана да одмори 10-тина минути, а за тоа време сувите состојки убаво ќе си се хидрираат. Плехот (36х22 см) во кој ќе го печете колачот најпрво намастете го со помош на кујнска четка, а потоа и наросете го со една лажица брашно, фино распоредете да се нафати насекаде, а вишокот истресете го.
Отстојаната смеса малку промешајте ја, а потоа излејте ја во подготвениот плех. Рамномерно распоредете и изедначете, малку протресете го калапот, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 30-35 минути.
Додека се пече колачот, некаде пред крајот, подгответе ја глазурата: во едно тенџере искршете го чоколадото на коцки, па додајте три супени лажици масло. Растопете на многу тивок оган, на пареа или во микробранова печка.
Печениот колач проверете го со чепкалка (ако излезе сува кога ќе го боцнете колачот, значи дека е добро испечен). Оставете малку да се подизлади (да биде млак), па одозгора нанесете пет супени лажици џем и премачкјате преку целата површина.
Врз џемот наросете мешавина од мелени и сечкани ореви (или јатки по желба), па врз нив рамномерно прелијте ја чоколадната глазура и премачкјате со шпатулата. Колачот може и веднаш да се послужи доколку сте нестрпливи. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.