Бразилскиот орев е јаткасто овошје пребогато со витамини и минерали, како и растителни влакна. Содржи значителни количини на железо, калциум, витамин Б1, Витамин Е, огромно количество на фосфор, манган и магнесиум. Но сепак, најзначајно е огромното количество на Селен.
Селенот е најсилен антиоксиданс, заштитник на човековите клетки од штетното агресивно дејство на таканаречените слободни радикали и другите штетни агенси. Доколку преку храната не внесуваме доволни количества селен, можеме да бидеме вознемирени, депресивни, меланхолични и хронично уморни.
Ако со храната внесуваме оптимални количества селен, се подобруваат расположението и општата здравствена состојба. Подобрувањето на расположението најверојатно се должи на антиоксидативното својство на селенот, со што се подобруваат човековите ментални функции и овозможува подобар прилив на крв во мозокот.
Но пред да посегнете по бразилски ореви треба да го знаете и ова. Кога велиме дека бразилскиот орев содржи селен, треба да се напомене дека содржи МНОГУ селен. 100 грама бразилски ореви содржат дури 1917mcg селен, што ги надминува дневните потреби за 2739%!
Како и се друго, покрај позитивните особини, во огромни количини и селенот може да биде штетен, па дури и токсичен. Затоа, бразилскиот орев треба да се дозира внимателно и тоа 1 до 2 оревчиња на ден.
Со оглед на големината на плодот, едно оревче тежи околу 10 грама и ги содржи, па дури и ги надминува дневните потреби за селен.
Значи, за добро здравје и добро расположение и енергија по еден бразилски орев на ден!
Петар Попоски