Рецепт и видео презентација на Бојана од „Бокина кујна“ – Плазма карамел торта. Ова се некои од коментарите за оваа торта: „Јас ги обожавам тортите и да ги правам и да ги јадам, а оваа торта е врв!“; „Оваа комбинација на фил е предобра, секоја чест“; „Во благодарам за објаснувањето и почетник може да направи, тортата е супер“…
Потребно е да се испечат три кори (три бисквити). За една кора се потребни следните состојки: 4 белки, 4 лажици шеќер, 3 лажици мелена плазма (или други мелени кекси), 1 лажица брашно, 1 лажица какао, на врв од лажичката прашок за печиво. Корите се печат во калап 26 см, 15 минути на 180 степени.
Потребни состојки за фил: 12 жолчки, 150 г шеќер, 2 пудинзи со вкус на карамел, 700 мл млеко, 200 г мелена плазма (или друг вид на кекси по ваш вкус), 200 г чоколадо со полнење од карамел, 250 г путер или маргарин. И уште: малку чоколадно млеко за прскање на корите.
Постапка: Кратко време пред приготвувањето извадете ги јајцата од фрижидер, на собна температура. Потоа од четири јајца, колку што ни е потребно за една кора, одвојте ги во посебни садови белките од жолчките. Вкупно се потребни 12 јајца за сите три кори, а жолчките тргнете ги на страна за приготвување на кремот.
Со помош на електричен миксер пенасто изматете ги белките со постепено додавање на шеќерот (4 лажици). Матете додека да добиете цврст, пенлив снег кој не паѓа. Потоа додајте три супени лажици мелена плазма, една лажица брашно, една лажица какао во прав и на врв од лажичката прашок за печиво.
Повеќе не ви е потребен миксерот за матење, туку само лажица, шпатула или жица маталка. Внимателно соединете ги состојките за да добиете изедначена смеса, но сепак таа да биде воздушеста и пеблива (да не спаднат белките). Постапката треба да ја повторите трипати за трите кори.
Добиената смеса рамномерно распоредете ја во тркалезен калап со пречник 26 см претходно обложен со хартија. Корите печете ги во загреана рерна на 180 степени приближно 15 минути (проверете со чепкалка). Корите треба да бидат тенки, па внимавајте да не ги препечете. Кога се печени ставајте ги една врз друга и покријте ги со памучна крпа.
Започнете со приготвување на филот: во едно тенџере ставете половина литар млеко, а во посебен сад измешајте 200 мл млеко, 12 жолчки, 2 кесички пудинг со вкус на карамел. Тенџерето со млекото ставете го на рингла да се загрева на умерена температура и во него додајте 150 г шеќер.
Кога млекото ќе се загрее, намалете ја температурата и започнете постепено да ја додавате смесата со карамел пудингот. Постојано и непрекинато мешајте додека кремот да се свари и згусне (внимавајте да не ви загори). Додека кремот е топол во него додадете чоколадо со карамел-полнење.
Добро промешајте додека чоколадото целосно да се растопи и да се инкорпорира во кремот. Сварениот крем претурете го во посебе сад и додајте 200 г мелена плазма. Промешајте со лажица за да се изедначи смесата. Оставете на страна целосно да се олади.
Путерот исечкајте го на листови и оставете го да омекне на собна температура, а потоа пенасто изматете го со миксер. Изматениот путер додајте го во изладениот крем, па заедно соединете ги со миксерот. Матете неколку минути додека да се изедначи смесата.
На крај кремот за филување треба да биде доволно густ, а се пак мазен и нежен кој тешко паѓа од лажицата. Од изладените кори отстранете ја хартијата врз која се печеа, па може да започнете со редењето и филувањето на тортата. Корите се многу меки и еластични.
Ставете една кора врз декоративна чинија за сервирање и прелијте ја со неколку лажици чоколадно млеко за да биде уште посочна и помека. Бидејќи корите се веќе изладени, па споро го впиваат чоколадното млеко, затоа е најдобро сите три кори да ги ставите во посебни чинии и да ги натопите (не премногу) со млекото.
После пет минути ткако корите ќе го впијат млекото, започнете со филување. Врз првата кора нанесете третина од филот (околу 6 полни лажици), рамномерно распоредете и израмнете. Поклопете со втора кора, па повторно нанесете фил и израмнете.
На крај ставете ја и последната, третата кора и премачкјате ја целата торта одозгора и од страните со последната третина од филот (за крај оставете малку повеќе за да имате доволно за да ја обложите целата торта и странично да ги пополните нерамнините).
Одозгора тортата можете да ја декорирате со шлаг, чоколадна глазура, рендано чоколадо и слично, но јас ја обожавам со мелен и сечкан лешник. Пред послужување добро изладете ја, а потоа уживајте во нејзиниот вкус. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.