Плазма тортата е една од најпопуларните слатки. Едноставна е, брзо се приготвува, неодоливо е вкусна. Ја обожуваат децата, а главна состојка се плазма кексите. Има одличен вкус, збогатен со чоколадо, суво грозје, ореви…
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г плазма кекси (300 г мелена и 300 г кршена), 600 мл фанта сок, 200 г чоколадо/милка со суво грозје и лешник, 200 г ореви (100 г мелени и 100 г сечкани), 100 г суво грозје, 30 г брусница, 30 мл рум, 250 г путер/маргарин, 100 г шеќер во прав, 250 г шлаг и 300 мл млеко
ПОСТАПКА: Во подлабок сад измешајте 300 г кршена плазма и 300 г мелена плазма. Во смесата додајте ситно исечкано или искршено чоколадо, а може и рендано. Додајте и 100 г сечкани ореви, 100 г мелени ореви и 30 г брусница, претходно натопена во рум и исцедена.
Во смесата додајте и 100 г суво грозје, исто така претходно натопено во рум за да се хидрира и набубри, а доколку не го сакате вкусот на рум, може да користите сок од портокал или обична топла вода. Промешајте убаво за рамномерно да се измешаат состојките.
Во смесата од суви состојки започнете постепено да додавате 600 мл фанта/јупи (3 чаши од 200 мл) и мешајте додека состојките убаво да се изедначат и го впијат сокот. Оставете ја смесата малку настрана за да можат кексите убаво да ја впијат течноста.
Во посебен сад пенасто изматете го путерот кој претходно сте го оставиле да омекне на собна температура, па додајте 100 г шеќер во прав и продолжете со матење додека да добиете убава кремаста структура.
Изматениот путер започнете постепено да го додавате во смесата од плазма (или обратно) и соединете ги до изедначување, најдобро да се измати со миксер. Добиената смеса истурете ја врз чинија за сервирање и со помош на лажица или шпатула обликувајте ја тортата.
Оставете ја во фрижидер за да се стегне. Во посебен сад изматете 250 г шлаг со 300 мл ладно млеко. Со шлагот декорирајте ја тортата. Добро изладете ја тортата неколку часови во фрижидер пред послужување. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.