Фантастична, едноставна и вкусна – така изгледа една наполитанска пица. Кој пробал, знае дека се прекрасни, кој не, во иднина ако има шанса да се обиде да најде оригинална италијанска, но пред сѐ наполитанска пица.

Она што ќе го ставите на пицата зависи од сопствените желби, па така, се разликуваат пица Маргарита, Наполитана, Капричиоза, Кватро формаџи, Пеперона, Фрути ди Маре…




Оригинално, пицата потекнува од Неапол, а приказната е дека на кралицата Маргарита за време на нејзина посета во Неапол и било понудено да проба парче печено тесто со фил кој личел на италијанското знаме: моцарела, доматен сос и ливчиња босилек.




Постојат најразлични видови филови за пица. Еве некои кои се најпознати: пица наполитана (моцарела и домати); пица романа (домати, моцарела, сардели, масло, оригано); пица кватро стаџони (фил како капричиоза, само распореден на четири дела); пица кватро формаџи (четири вида сирење: домати, моцарела, фонтина, горгонзола, страчино, а понекогаш се става и рикота); Калцоне (на италијански значи: голема чорапа. Преклопена пица со фил од рикота сирење, моцарела и шунка); пица маринара (домати, лук, маслиново масло); пица маргарита (моцарела, ливчиња босилек и домати)




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто): 500 г брашно, 340 млака вода, 3 г квасец, 10 г сол. ПОСТАПКА (презентер: Салваторе од Италија): Во еден подлабок сад истурете 340 мл млака вода, изронете 3 г квасец (парче свеж квасец со големина на гравче), па промешајте со лажица за да се раствори.




Додајте го брашното и промешајте со лажица. Нема потреба тестото да се меси со рака, тоа е доста меко. Кога ќе ја впие течноста, но сè уште смесата е брашнеста, додајте ја солта (10 г).




Продолжете со мешањето сè додека да добиете компактно тесто кое се одвојува од садот. Покријте го со кујнска крпа и оставете да одмори 5 минути малку премесете го за да се формира топка (малку е лепливо), па вратете го во садот, покријте го со крпа и оставете го да стасува на топло место 40 минути.




Потоа тестото поделете го на три еднакви делови од по 280 г. Тестото е малку лепливо, но еластично, па без додавање на брашно со преклопување формирајте топчиња (погледнете на видеото за едноставната техника на Салваторе). Топчињата тесто оставете ги 4 часа во фрижидер за ладна ферментација.




По изминатото време загрејте ја рерната на највисоката можна температура заедно со керамичката плоча врз која ќе ги печете пиците. Доколку немате ваква плоча, тогаш ставете го плехот да се загрее (на средно ниво во рерната).




Набрашнете ја добро работната површина, па земете едно топче тесто и со помош на прстите развлечете го формирајќи прстен на краевите. Бидејќи тестото е меко и еластично, тоа лесно се развлекува.

Филувајте го со доматен сос и рендан кашкавал/моцарела, па со помош на лопатка ставете ја во врелата рерна (или пицата пригответе ја врз хартија, па сосе хартијата ставете ја во врелиот плех).




Пицата се пече кратко време, 3-5-8 до мах 10 минути во зависност од тоа колку материјал сте ставиле (колку помалку материјал има, толку побрзо се пече). Кога е печена извадете ја од рерна, декорирајте со неколку листови свеж босилек и прелијте неколку лажички маслиново масло. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.