Оваа компирова пита на турски начин многу ни се допадна. Инаку јас ја обожавам нашата домашна компирова пита која обично се приготвува со ситно сечкан или рендан сиров компир, но морав да го испробам и овој рецепт, и не се покајав, на сите многу ни се допадна.




Многу лесно се приготвува, не одзема многу време, не треба да месите тесто и да го чекате да стасува, едноставно што треба е да набавите готови кори за пита, оние подебелите и да сварите компири, а резултатот е одличен. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: околу 750 г компири (5 средно мали компири), 1 главица кромид, 1 мала лажичка слатка зачинска црвена пиперка во прав, црн пипер во прав по вкус, 1 лажичка сув босилек, сол по вкус. ЗА ФИЛ: 5-6 полни лажици кисела павлака, малку млеко и масло, 2 јајца + 1 цело јајце за премачкување и малку млеко, сусам за наросување, 500 г готови кори за пита (вкупно 12 кори)




ПОСТАПКА: Компирот измијте го, излупете го, повторно измијте го и исечете го на коцки со приближно еднаква големина. Ставете го во тенџере и налејте вода, да биде прекриен. Ставете го на оган да се вари додека да омекне, исто како за пире.




Додека компирот се вари, излупете една главица кромид. Ситно исечкајте го и запржете го во тава на загреано масло, околу 5 минути додека да омекне. Ако е потребно, налејте малку вода во кромидот за побрзо да омекне.




Кога кромидот ќе омекне, додајте една лажичка црвен мелен пипер, една рамна мала лажичка црн пипер или помалку, како и една лажичка сув босилек. Промешајте добро и тргнете го настрана да се лади.




Во посебен сад ставете 5-6 до врв полни супени лажици кисела павлака и малку млеко (околу 15-тина мл) и малку масло (исто околу 15-тина мл). Ако наместо кисело млеко користите јогурт, тогаш нема потреба да додавате млеко и масло.




Во мешавината додајте и две јајца, па добро измешајте со виљушка додека да се изедначат состојките. Сварениот компир процедете го, посолете го и испасирајте го како за пире. Додајте го издинстаниот кромид, па промешајте да се изедначи. Филот поделете го на 4 делови за 4 ролати.




Врз работната површина отворете една кора и нанесете 3-4 лажици од приготвениот фил со павлака и јајца, премачкајте со кујнска четка, па поклопете со втора кора. И неа премачкајте ја со фил, па поклопете со трета кора.




Врз третата кора распоредете фил од компир. Превиткајте ги малку страните за да не истекува филот, па свиткајте во ролат. Вака приготвените ролати редете ги во плех обложен со хартија за печење. Треба да добиете четири ролати со по три кори.




Во чинијата од преостанатиот фил скршете едно јајце, додајте малку млеко околу една лажица, па изматете. Премачкјате ги ролатите, пресечете ги на парчиња и одозгора наросете сусам. Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу половина час или додека убаво да зарумени. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.