Не пропуштајте го овој одличен рецепт и пригответе ја највкусната и најлесната пита со јаболка. Маж ми почна често да ја прави, а толку е лесна што може и мижејќи да ги измеша состојките. Во дворот имаме јаболкница, па домашните јаболка не ги ни лупиме, туку ги рендаме сосе лушпа.




Додека јас го сварам кафето, тој ги ренда јаболката, а потоа постапката е како песна: се сипа еден ред суви состојки, па ред јаболка и сè така додека да се потроши материјалот. Додека го пиеме кафето питата се пече, а потоа се сладиме со едно убаво парче. Може да се јаде топла или ладна, секако е многу вкусна и се изедува уште истиот ден.




Многу е сочна со убава текстура, иако во себе не содржи ниту јајца, ни млеко. Врз питата се реди малку путер, а ако ја сакате во посна варијанта, тогаш употребете посен маргарин. Одозгора по желба можете да ја наросите со шеќер во прав. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за мерење се користи чаша од 250 мл, за калап со пречник 20 см): 1 кг јаболка, 1 чаша шеќер, 1 чаша брашно, 1 чаша гриз, 120 г путер или маргарин, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), по желба 1 кесичка ванилин шеќер (10 г)




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад измешајте ги сите суви состојки: сипете по една чаша шеќер, брашно, гриз и прашок за печиво, а по желба кој сака може да додаде и една кесичка ванилин шеќер. Убаво промешајте со лажица додека да се изедначат состојките и смесата поделете ја на четири дела.




Јаболката убаво измијте ги и доколку се купечки излупете ги. Потоа изрендајте ги на крупната страна од рендето и одокативно поделете ги на три приближно еднакви дела (без да ги цедите од сокот), за три слоја од питата.




Калап за торти со или без флексибилен обрач (пречник 20 см) обложете го со хартија на дното и страните, а може да користите и правоаголна тепсија со средна или мала големина, во зависност од тоа колку висока сакате да ви излезе питата.




На дното сипете една четвртина од смесата и рамномерно распоредете ја. Одозгора со рака распоредете една третина од ренданите јаболка, па израмнете. Врз јаболката сипете ја втората четвртина од сувите состојки, а потоа рендани јаболка. Со постапката продолжете додека да го потрошите материјалот.




Завршете со ред суви состојки, одозгора излејте го преостанатиот сок од јаболката, а врз нив наредете тенки листови омекнат путер. Калапот ставете го во друг поголем сад (ако се сомневате дека би можело да пропушта од обрачот) и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени, 60 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.