Кога станува збор за појадоците и вечерите, нема ништо поубаво од домашно испечена пита, топличка и мирисна, со чаша јогурт или кисело млеко.
Оваа пита ни е една од омилените, зашто многу брзо се приготвува, се става она што имате во фрижидер и секојпат може да добиете различен вкус.
Толку е лесна постапката што секој, маж, жена или дете може да ги измеша состојките, тестото да го истури во плех и да ја стави питата на печење.
Овојпат ја направив со сирење, но може да и ставите спанаќ, нешто сувомеснато или по вкус. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 јајца, 300 мл јогурт, 150 мл масло, 1 кесичка прашок за печиво (10-12 г), 1 полна лажичка сол (или по вкус), 300 г брашно, 100 г гриз, 300 г сирење и малку сусам или ленено семе за наросување одозгора
ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете четири јајца, па изматете ги со жица-маталка додека да се изедначат белките со жолчките. Потоа додајте 300 мл течен јогурт и 150 мл масло. Изматете повторно додека да се изедначат течноте состојки.
Во мешавината додајте една полна лажичка сол и една кесичка прашок за печиво. Изматете енергично половина минута, па додајте 300 г брашно и 100 г пченичен гриз. Изматете добро додека да добиете хомогена смеса без грутчиња.
Додајте 300 г ситно сирење. Ако не е доволно солено, посолете по вкус. Доколку додавате и некои други продукти, како сечкано сувомеснато, имајте во предвид дека и тие се солени, па не додавајте сол и ставете помалку.
Промешајте и изедначете. Плех со диманзии 30х25 см намастете го со малку масло, па излејте ја во него смесата, протресете и израмнете. Одозгора наросете сусам, ленено семе или семки и семиња по ваш избор.
Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 30-35 минути или додека да зарумени. Извадете ја и оставете малку да подизлади, па сечете ја и послужете ја. Деталите од целата постапка погледнете ги ОВДЕ.