Фото и рецепт: Верица Николиќ – пита од тава

Брза и многу вкусна пита која се приготвува лесно и едноставно од неколку состојки. Смесата се пече во тава на рингла под капак.

Потребни состојки:

2 јајца, 1 лажичка сол, 100 мл јогурт, 50 мл масло, 80 г сирење, 50 г пченкарно брашно, 80 г пченично брашно, 2 лажички прашок за печиво, 1 лажичка сода бикарбона, 100 г сувомеснато по ваш избор, путер за премачкување на тавата и питата.

Постапка:

Во подлабок сад изматете ги јајцата со маталка (не мора многу да се матат, само колку убаво да се поврзат). Додадете масло и соединете го со јајцата.

Потоа додадете го јогуртот и уште малку промешајте. Во посебен сад измешајте ги сувите состојки: пченкарното брашно, пченичното брашно, солта, прашокот за печиво и сода бикарбоната, па оваа мешавина постепено додадете ја во течните состојките.

Со жицата за матење добро изматете за да не останат грутчиња од брашното. На крај додадете го и сирењето кое претходно сте го издробиле со виљушка.

Тефлонска тава со величина 24 см намастете ја со путер. Ставете ја на рингла од шпоретот. Излејте го приготвеното тесто и израмнте го со лажица. Врз тестото наредете тенко исечено сувомеснато (јас ставив димен сув врат).

Поклопете ја тавата со кашак и вклучете го шпретот на средна температура (кај мене скалата на температурата е од 1-9, јас пржев на 6). Сè зависи од шпоретот, не смее температурата да биде многу силна. Пржете поклопено 8 минути, тргнете го капакот и внимателно подигнете го едниот крај со шпатулата за да проверите дали долната страна е заруменета.

Ако е убаво заруменета (а површината добила коричка), ставете преку тавата поголема чинија и преврете ја. Тавата повторно премачкјате ја со путер и питата полека вратете ја назад да се испече и од горната страна.

Површината на питата премчкајте ја со путер (на виљушка прободете помало парче путер и премачкајте ја питата). Повторно поклопете, намалете ја температурата за еден степен и пржете уште 8 минути.

Печената пита превртете ја на поголема чинија за сервирање, а сувомеснатото да дојде од горната страна. Оставете малку да подизлади, па послужете ја.

Фото и рецепт: Верица Николиќ