Ова е најдобриот начин да се приготви крцкава пита од готови кори – со овој прелив питата се топи во уста. Рецепт и видео прилог на симпатичната Лета од Летина кујна: Прелиена, крцкава, путер пита со сирење и павлака за готвење. Рецептот е несекојдневен.
Но, доколку го испробате, ќе се уверите колку е едноставен, а неверојатно вкусен. За да направите оваа пита не треба да сте експерти, потребно е само точно да го следите упатството. Ќе добиете многу вкусна пита од која сите ќе ви побараат уште едно парче.
Питата се залива со неутрална течна павлака, но доколку немате, може да се замени со млеко. Одозгора може да наросите сусам, ленено семе, ким, црно семе или семки од тиква и сончоглд, односно какви што вие си сакате. Состојките за преливот доколку сакате можете да ги зголемите.
За половина килограм кори, доколку сакате питата да ви биде малку повеќе сочна, може да употребите двојна доза отколку што е наведено во рецептот, односно 250 г путер и 500 мл неутрална павлака. Меѓутоа, и според наведениот рецепт, питата е одлична.
Наместо путер може да употребите маргарин, а наместо сирење може да ставите спанаќ или фил по сопствен избор. Можете дури да ја приготвите и со мелено месо, па тогаш ќе добиете и прекрасно богато јадење. Откако еднаш ќе ја направите, постојано ќе ја правите на овој начин.
За да приготвите оваа пита ќе ви бидат потребни следните состојки: 12 готови кори за пита, 250 г ситно сирење, 250 мл течна неутрална павлака за готвење, 100 г путер, 20 мл масло и сол по потреба. Постапката е следна: Најпрво путерот растопете го на тивок оган.
Во путерот додадете 2 супени лажици масло, и на крај додадете ја павлаката за готвење. Убаво промешајте за да се соединат сите состојки во млечно бела течна смеса – ова е преливот за корите. Започнете го редењето на корите. За секој ролат ќе ви бидат потребни по 3 кори.
Секоја кора премачкајте ја со преливот, а на третата ставете сирење. Сирењето или урдата ставете го обилно, не штедете, питата ќе ви биде уште повкусна. Подвиткајте ги малку краевите за да не се истура филот, па виткајте како ролат. Вака спакуван ролатот исечете го на помали парчиња.
Парчињата можете да ги сечете и со големина по ваша желба. Потоа редете во намастен плех, обложен со хартија за печење (полесно е за миење на плехот). Одозгора премачкајте ги ролатите убаво со преостанатиот прелив, а она што ќе остане прелијте го.
Оставете неколку минути за да се впие дел од течноста, па ставете ја питата да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 25-30 минути. Печената пита извадете и оставете ја малку да подизлади, па послужете ја со чаша јогурт, кисело млеко или нешто по ваша желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.