Рецепт и видео презентација на Ема Спасиќ од каналот „Кујната на Ема“: Пенурлија пита – „Вака ја прави мајка ми и сите ја обожаваат… Мека и вкусна, ќе ве врати во детството, во некое убаво и безгрижно време…
Ако сте носталгични како мене, доволно е да ја приготвите оваа пита и со мислите да се телепopтирате на вашето омилено место и време…
Мене на пример, ме води на село, во детските денови кога бев на зимски распуст, а во шпоретот попукнуваше оган, а после лyдориите во снегот, сите се греевме покрај шпоретот и чекавме да се испече оваа пита… Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 30-40 г квасец (1 коцка свеж), 300 мл млака вода, 1 лажица шеќер, 2 лажици брашно, 1 лажичка сол, 550-600 г брашно Т400, 400-500 г сирење (домашно, кравјо), 2 јајца, 2 лажици маст, 30 мл јогурт (може и повеќе ако сакате)
ПОСТАПКА: Во подлабок сад иситнете го свежиот квасец и растворете го во 300 мл млака вода. Додајте две лажици брашно и една лажица шеќер, па промешајте додека состојките да се растворат и да нема грутчиња.
Оставете го квасецот на топло место без провев околу 10-тина минути додека тој да се активира и да запени.
Потоа додајте сол, па со постепено додавање на брашното замесете го тестото. Најпрво мешајте со лажица, а кога ќе згусне, тестото изработете го со рака.
Откако ќе го измесите тоа треба да биде меко, мазно и еластично. Намастете го, покријте го (најдобро со стреч-проѕирна фолија) и оставете го да стасува 35-40 минути или додека да се удвои.
Потоа истресете го на набрашнета површина, формирајте го во топка и поделете го на два дела.
Секој дел развлечете го во тенка кора и преку цела површина премачкајте со растопена маст (може путер или маргарин). Сирењето иситнете го виљушка и помешајте го со едно јајце.
Преку кората рамномерно нанесете половина од филот со сирење, па внимателно свиткајте ја во ролат.
Во тепсијата каде ќе се пече растопете лажица маст да се намасти целото дно. Ролатот исечете го на дебели парчиња (или по желба) и редете ги во намастената тепсија.
Истата постапка повторете ја и со втората половина од тестото. Едно јајце разматете со 20-30 мл јогурт. Со оваа смеса премачкајте ја питата одозгора и оставете ја да стасува на топло место (20-тина минути).
Кога убаво ќе нарасне како пуфка, ставете ја питата да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 35 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.