За да ја приготвите оваа пита не треба да сте вешти во кујна, не ви се потребни ниту кори, ниту брашно, ниту квасец. Всушност, оваа пита се приготвува само за неколку минути, а вкусот ќе ве воодушеви. Може да се послужи за појадок или вечера, или пак, како предјадење. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца, 1,5 чаша млеко (300 мл), 100 г рендан кашкавал (чедар), малку сол по вкус (околу една или половина мала лажичка) и 20 г путер или маргарин за намастување на огноотпорен сад со средна величина.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете шест јајца, посолете ги, па со жица-маталка пенасто изматете ги. Потребно е добро да се изматат јајцата, околу 1-2 минути за да може убаво да се paзбијат белковините.




Потоа додајте го млекото, па повторно изматете, овојпат една минута, додека убаво да се изедначат состојките. На страна изрендајте 100 г чедар кашкавал (или некој по ваша желба) и додајте го во мешавината од млеко и јајца.




Промешајте со лажица или шпатула за да нема слепени грутчиња од кашкавалот. На многу тивок оган или во микробранова растопете го путерот (но не дозволувајте да зоврие). Излејте го во плех или огноотпорен сад и со помош на кујнска четка премачкјате го дното и страните.




Излејте ја смесата во подготвениот калап и распоредете го кашкавалот подеднакво преку целата површина. Рерната добро загрејте ја на 200 степени, па ставете го плехот и печете околу 25 минути, додека да добие убава златна боја.




Во текот на печењето поради јајцата доста ќе нарасне, па затоа имајте предвид при изборот на плехот, да не биде плиток. Откога питата ќе се извади од рерна, таа малку ќе спласне. Доколку сакате да ја сервирате целата (во едно парче), тогаш многу лесно превртете ја врз врз некој друг поголем сад, а може и директно да ја сечете и послужите.




Послужете ја со чаша јогурт или кисело млеко. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.