Печивата приготвени со ова тесто излегуваат меки како памук, вкусни се сами по себе, но може да се филуваат како пирошки и да ги направите уште повкусни. Баба ми ги филуваше со многу вкусно полнење приготвено од компир и уште неколку состојки, па доколку одлучите да ги правите, мора да го пробате и бабиниот рецепт. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто): 250 г урда или ситно сирење, 2 јајца, 180 г цврст јогурт или кисела павлака (3 лажици), 1 лажица шеќер (15 г), 5 г сол (1 лажичка), 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 20 мл масло (2 лажици), 480 г брашно.

ЗА ФИЛ: 700 г компир (5 парчиња), 1 главица кромид, 1 јајце, 1 лажичка путер (10 г), 50 мл млеко, 5 г сол, црвен мелен пипер по вкус. И уште: масло за готвење (2 см длабочина во тавата за пржење).




ПОСТАПКА (сите потребни состојки за тестото треба да бидат на собна температура). Во еден подлабок сад ставете го ситното сирење, 2 јајца, 180 г кисела павлака, 1 лажица шеќер и добро измешајте со виљушка (или миксер) додека сите состојки убаво да се соединат и изедначат во хомогена смеса.




Потоа додајте 10 г прашок за печиво, 5 г сол, 20 мл масло, промешајте, па започнете постепено да го додавате брашното (вкуспно 480 г). Најпрво мешајте со лажица или шпатула, а кога брашното целосно ќе ја впие течноста, на крај месењето продолжете го со рака.




Месете неколку минути додека тоа да стане како мека и мазна топка, да се одвојува од ѕидовите и да не се лепи за рака. Вака приготвеното тесто покријте го со кеса и оставете го да одмори 15 минути. За тоа време сварете ги компирите исечени на коцки. Потоа процедете ги испасирајте ги во пире.




Во пирето од компири додајте 10 г путер, 50 мл млеко, 5 г сол, малку црвена зачинска пиперка во прав, па изедначете. Во меѓувреме на малку масло (20 мл) запржете ситно сечкан кромид додека да омекне и карамелизира. Додајте го во пирето заедно со едно јајце и промешајте. Кромидот ќе му даде одличен вкус на пирето.




Одмореното тесто истресете го врз набрашнета работна површина, па веднаш без премесување развлечете го малку со рацете во овална кора за да можете полесно да го поделите на 12 приближно еднакви парчиња. Формирајте топчиња и покријте ги со кеса за да не се сушат.




Секое топче на набрашнета површина развлечете го во тенка кора со помош на оклагија, а потоа во средината ставете фил.

Спојте ги краевите како тортиља, а потоа прилепете ги краевите за да се залепи тестото, за да не ситекува филот при пржењето. Превртете го со спојката надолу, па дополнително со прстите притиснете да се залепи за филот.




Загрејте го маслото на умерена температура, па спуштајте ги пирошките и пржете ги по неколку минути од двете страни додека да добијат убава златна боја. Вадете врз хартиена салветка. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.